Авичи – омилениот музичар на шведското кралско семејство кој го уништи алкохолот

АВИЧИ – ОМИЛЕНИОТ МУЗИЧАР НА ШВЕДСКОТО КРАЛСКО СЕМЕЈСТВО КОЈ ГО УНИШТИ АЛКОХОЛОТ
Пишува: СДК

„На 16 години почнав да правам музика, со 18 првпат отидов на турнеја и од тој момент, постојано бев на 100 отсто“, го опиша шведскиот музичар и диџеј Авичи својот ран и нагол пробив на светската музичка сцена во интервјуто за „Холивуд рипортер“ пред две години.

Тим Берглинг, како што беше вистинското име на Авичи, вчера беше пронајден мртов во Оман на 28-годишна возраст и неговата портпаролка одби да даде повеќе детали за неговата смрт, но познато е дека кариерата на музичката суперѕвезда ја следеше зависноста од алкохол, поради што разви акутен панкреатит и во еден момент престана да настапува.

Смртта на Авичи, еден од најплатените светски диџеи кој помогна електронска денс музика да се популаризира во САД, ги остави фановите, колегите, но и целата Шведска во шок.

„Тој беше една од нашите најголеми музички ѕвезди“, изјави шведскиот премиер Штефан Лофвен.

Авичи беше толку омилен, што дури настапи на венчавката на принцот Карл Филип и принцезата Софија.

„Благодарни сме што го познававме, му се воодушевувавме и како музичар и како личност. Тој со својата неверојатна музика ја направи нашата свадба незаборавна“, кажа кралската двојка во заедничката изјава.

Авичи стана суперѕвезда на електронската музика со песната „Нивоа“ во 2011 година, по што продолжи да реди големи радио-хитови и доби две номинации за Греми. Неговата популарност беше на ниво на најголемите светски поп-ѕвезди, хонорарите за настапите му достигнуваа и до 250.000 долари, а во 2016 година, кога се повлече, имал заработка од 28 милиони долари.

„Тој беше првата огромна комерцијална ѕвезда. Навистина стана некој кој не можеше да излезе на улица, затоа што беше премногу препознатлив“, изјави радио-водителот и диџеј Џаџ Џулс.

Со славата дојдоа и личните демони. Легендарниот продуцент Најл Роџерс вели дека бил шокиран кога сфатил колку Авичи пие.

„Ми вети дека ќе престане да пие, но кога настапувавме заедно последен пат, повторно го видов пијан. Бев вознемирен од тоа, ми го скрши срцето“, изјави Роџерс.

„Ова беше лудо патување. Кога ќе погледнам наназад, си велам ‘вау, зарем јас го направив тоа?‘ Тоа беше најдобриот период од мојот живот, но си имаше и цена, многу стрес и анксиозност“, призна Авичи за „Холивуд рипортер“.

No comments

Powered by Blogger.