Најстрашен затвор на светот: Тука затвораат политички дисиденти, а само ретки не полудуваат внатре

Пишува: Точка

Перењето на мозоци делува до едно ниво, но дисидентите најчесто се изложени на систематско злоставување.

Суи Мукинг вели дека бил принуден да остане буден додека го испрашувале повеќе од четири дена. Чен Таихе опишува дека го држеле во затвор каде што имало толку многу луѓе, што не можел ни да оди до тоалет. Петер Далин останал толку трауматизиран од своето искуство, што сега мора да спие со нож покрај креветот.

Тројца мажи, во три различни делови на Кина. Не се познавале, но сите имале заеднички искуство: заговарале човекови права и станале жртви на тоа што активистите го нарекуваат брутална реакција на кинеската влада на дисиденција, пишува CNN.

Групите за човекови права велат дека борбата на претседателот Си Џинпинг со заканите за својата власт довела до апсење на неколку десетици активисти, блогери, феминистки, уметници и адвокати. Мажите, со кои CNN детално разговарал во текот на минатите 12 месеци, го опишуваат принудното одведување од домовите, задржувањето со недели, понекогаш и месеци, во тајни затвори каде се забранува комуникација со роднините, а се со цел да се изнудат снимени признавања, а на крај ги пуштаат без пресуди.

Суи, Чен и Далин велат дека им било забрането да зборуваат за тоа што им се случило, но тие сепак одлучиле да проговорат. Велат дека сакаат да расветлат колку далеку ќе оди кинеската влада за ги замолчи сите закани. Пекинг во минатото редовно тврдел дека не ги мачи затворениците, а уапсените активисти се криминалци кои го прекршиле законот. Додека работата на адвокатите за човекови права никогаш не била едноставна во комунистичка Кина, исчезнувањата на истите биле ретки пред 2015. година. Сепак, кон средината на таа година, истакнатиот адвокат од Пекинг, Ванг Ју, исчезнал со сопругата и нивниот син. Следниот ден, полицијата ја претресла неговата канцеларија и уапсила седум негови колеги. Сите биле заробени или пријавени како исчезнати, тврди групата за човекови права од Хонгконг, "China Concern Group", која внимателно ги документирала случаите.

Суи бил меѓу нив. Тој ден разговарал со два странски медиуми за да им каже за исчезнувањето на Ванг.

Таа вечер, чуварот се јавил во станот на Суи и му кажал дека автомобилот му е изгребан во несреќа, па кога излегол надвор, група полицајци набрзина го совладала, рекол тој. Никој не го видел пет месеци. Два дена подоцна, истото му се случило на Чен. Рекол дека полицијата му се јавила да излезе од својот стан за да одговори на неколку прашања.

"Намерно го оставив мобилниот дома, мислејќи дека ќе се вратам за неколку минути", Не се вратил шест недели. За помалку од една седмица, најмалку 146 адвокати и нивните семејства биле заробени, тврди "China Human Rights Lawyer Concern Group". Групите за човекови права велат дека корените на репресијата може да се следат се до уредничкиот коментар објавен во странското издание на државниот весник "People Daily" во јули 2012. година, кој предупредил дека САД користат пет категории на луѓе за да ја дестабилизираат комунистичката партија и нејзината власт веќе седум децении.

Активистите за човекови права и адвокати биле на врвот на листата. Далин, шведски државјанин, кој отворил невладина организација во Пекинг, која нудела правна помош и обука за кинески адвокати, не бил уапсен во првиот бран и бил уверен дека неговиот статус на странец може да му пружи некаква заштита. На почетокот на 2016. година, меѓутоа, добил информација дека властите би можеле да го уапсат. Се подготвил да оди на аеродром во Пекинг, кога во неговиот стан влегле 20 полицајци. Го држеле заедно со неговата девојка, а полицајците го пребарале станот, вели тој, запленувајќи компјутери и документи.

Далин вели дека бил обвинет за правење план за шверцување на синот Ванг Ју, првиот уапсен адвокат, во Мјанмар, во обид да ги избегне властите во 2015. година. Рекол дека инспекторите рано сфатиле дека тој нема никаква врска со тоа, но наместо да го ослободат, брзо се свртеле кон неговата организација - принудувајќи го да ги издаде своите колеги и други активисти со кои соработувал.

Властите рекле дека Далин работи за илегална организација која спонзорира активности кои ја загрозуваат кинеската национална безбедност.

До октомври 2017. година, околу 329 адвокати, активисти за човекови права, членови на нивните семејства и персонал, биле уапсени и заробени. Иако ги држеле во спротивни краишта на земјата, Суи, Чен и Далин опишуваат слични услови: лошо наместени соби со црни завеси на прозорите и флуоресцентни светла, запалени 24 часа дневно. Велат дека спиеле на кревети, но не им било дозволено да читаат или да пишуваат. Стражарите секогаш биле во собата и ги гледале нивните потези, дури и кога го користеле тоалетот.

Суи опишал дека толку му било здодевно што одвај чекал да биде сослушан, "бидејќи барем го префрлале во друга соба и имал интеракција со други луѓе". Само неколку месеци претходно, Суи вели дека бил задржан во полицискиот центар за обука во Гуангжу, каде работел како адвокат за човекови права, кој брани низа познати активисти.

"Не ми дозволуваа да спијам четири дена и ноќи, а петтиот ден се чувствував како да ќе умрам", рекол тој.

Суи рекол дека недостигот на сон и заканите со мачење на крајот го скршиле неговиот дух и го натерале на соработка. Рекол дека инспекторите му се заканиле дека ќе му ги врзат рацете, ќе го обесат на плафон и ќе му светат со батерија во очи.



"Познавав некој што имаше срцев удар поради недостиг на сон во затвор, па бев исплашен дека мојот живот би можел да биде во опасност ако продолжам да се борам", рекол тој.

Чен, професор кој се заложувал за примена на систем со порота во Кина, каков што има во САД, бил обвинет за поттикнување на расправија и предизвикување на проблеми - неодредено обвинение кое често го користат кинеските власти, и кое може да донесе казна затвор од 10 години. Тој за CNN рекол дека одбил да признае било какво злосторство во текот на 20-часовното испрашување, но тогаш открил дека дели ќелија со затвореници обвинети за злосторства кои се движат од ситни кражби до убиства.

"Станицата беше толку полна што морав да побарам од другите затвореници да ми направат малку место за да можам да уринирам", рекол тој.

"Немав виљушка или стапчиња за јадење. Имавме по една чинија ориз и моравме да јадеме со раце".

По еден месец, Чен рекол дека му било кажано да ги собере своите работи. Мислел дека оди дома - но, наместо тоа, бил одведен до нешто што изгледало како напуштен хотел, и таму бил задржан уште 10 дена. На почетокот на оваа година, CNN ја посетил зградата во која Чен рекол дека бил задржан во Гуилин, град на југот на Кина, познат по планинските пејзажи.

No comments

Powered by Blogger.