Ова село има примамлива понуда: Ви нудат 60.000 евра да се доселите таму, но под овие услови

Пишува: Точка

Жителите на швајцарското село Албинен, во кантонот Вале, за десет дена ќе одлучат за новата политика со која на странци ќе им понудат пари за да дојдат и барем десет години да живеат во селото. Станува збор за износ од околу 60.000 евра.

Малото село во кое моментално живеат 240 жители, е едно од многуте во Швајцарија, кои последните години доживуваат големо иселување на жителите.

Иако во селото постојат бројни викендички, жителите, посебно младите семејства, одлучуваат да заминат.

Само во последната година селото го напуштиле три семејства со вкупно 8 деца, па локалната власт била принудена да го затвори селското училиште.

Жителите на селото бараат од локалната власт да направи нешто за во селото да се врати животот, но и за да се обезбеди иднината и опстанокот на селото.

Планот на локалниот Совет, е на семејства или поединци, странци, кои ќе се одлучат да купат или изградат куќа во Албинен, да им подарат по 25.000 франци за секое возрасно лице во семејството и дополнителни 10.000 франци по дете.

Четиричлено семејство, според тој предлог, би добило бонус од 70.000 швајцарски франци. Сепак, во сето тоа постојат услови кои треба да се задоволат.

Возрасните мора да бидат помлади од 45 години и да прифатат да живеат во селото најмалку 10 години. При купување или изградба на куќа треба да вложат најмалку 200.000 франци и недвижнината мора да биде константен дом, а не викендичка.

Парите од локалните власти се добиваат неповратно, освен во случај ако некој одлучи да го напушти селото пред истекот на рокот од 10 години. Локалните власти се уверени дека овие мерки се задволителни за сите.



"Тоа е вложување во иднината на селото", пишува во локалните весници. Се додава дека заедницата ќе профитира од новите семејства преку даноци, договори за изградба и купување на производи од селската продавница, додека истовремено во селото ќе се врати животот. "Во најдобар случај повторно ќе се отвори училиштето во селото", се додава во локалните весници.



Албинен е село кое се наоѓа на 1.300 метри надморска висина, со поглед на долината Рона. Селото се гордее со чистиот планински воздух и со многу сончеви денови во годината. На само 6 километри се наоѓа термалното одморалиште Леукербад.



Во селото нема премногу можности за вработување, но првите големи градови се оддалечени на само половина час возење.

No comments

Powered by Blogger.