Во леденото море умреле 118 морнари: Трагедијата на аргентинската подморница потсетува на најстрашната подморска несреќа

Пишува: Точка

По трагедијата на аргентинската подморница "Сан Хуан", 44 членови на екипажот се прогласени за мртви откако од нејзиното исчезнување минало повеќе од една седмица. Имало информации и дека на 400 километри од брегот на Аргентина била забележена и експлозија.

Оваа голема и засега мистериозна трагедија го разбудила сеќавањето на уште една, досега најголема подморска трагедија. Станува збор за хаваријата на руската нуклеарна подморница "Курск" на 12. август 2000. година, во која смртно настрадале сите 118 членови на екипажот.

Гордост на руската флота

Моќната и масивна стратешка нуклеарна подморница "K-141 Курск", тогашна гордост на руската флота, потонала за време на воена вежба во Баренцовото море. Речиси сите загинати биле помлади од 30 години.

"Курск" била изградена во 1994. година. Била долга 155 метри, можела да развие брзина од 33 јазли и максимално да нурне на длабочина од 650 метри, а носела 24 торпеда и 24 ракети.

Изградбата на таа подморница чинела вртоглави милијарда американски долари. Курск била изградена да издржи удари на најмоќни торпеда.


Според официјалната верзија, причината за потонувањето на Курск била експлозија на една боева глава од торпедо, која потоа предизвикала експлозија и на другите боеви глави. Јачината на тие други експлозии била толкава што ја забележале сеизмографите на просторот на цела Северна Европа. Најпрво се мислело дека станува збор за земјотрес.

Кобното оштетено торпедо

Наводно кобното торпедо било оштетено кога при внесувањето во подморницата паднало од кранот. Во тоа веројатно се крие кобниот парадокс на целата трагедија. Имено, торпедата кои ги носела ултрамодерната "Курск" биле стари ракети, какви престанале да се користат уште во 1950. година, а кои при течење лесно може да предизвикаат хемиска реакција, а потоа и експлозија.

Обидот за спасувањето на преживеаните траел десетина дена, но сите 118 луѓе сепак умреле под водата. Реконструкцијата покажала дека повеќето членови на екипажот умреле во рок од неколку минути, додека 23-ца преживеале уште околу 4 часа.


Нуркачите кои ги ваделе мртвите тела од подморницата пронашле порака на еден од командантите, кој пред да умре успеал да напише: "Целиот екипаж од деловите 6,7 и 8 се пресели во деветтиот дел. Тука сме 23-ца. Никој од нас не може надвор".

Но, како што се случува во таквите хаварии, имало и разни теории на заговори кои велат дека вистината била затскриена. Според една од тие теории, "Курск" во Баренцовото море се судрил со американска подморница која била во тајна мисија за шпионирање на руските вежби. Според друга, подморницата налетала на мина заостаната од Втората светска војна. Самата несреќа се случила за време на воени вежби.

Несреќен почеток на ерата на Путин

Уште поинтересни се деталите поврзани со оваа трагедија. Несреќата на "Курск" се случила на самиот почеток на ерата на Путин, ниту три месеци откако за прв пат бил избран за претседател на Руската Федерација.

Путин тогаш се зацврстувал на власт и не бил ни сенка од денешниот семоќен претседател. Тогаш се соочувал со бесот на јавноста, посебно од страна на семејствата на загинатите морнари. Медиумите кои тогаш не ги држел под контрола, го распнувале поради тоа што животите на морнарите можело да бидат спасени ако се побарало помош од Британија или Норвешка, кои со својата технологија можеле да ги спасат. Но, таквата реакција изостанала.

Другиот бизарен детаљ е поврзан со пророштвото на Бугарката Баба Ванѓа. Таа наводно во 80-тите години од минатиот век рекла дека "Курск" ќе биде прекриен со вода и дека целиот свет ќе плаче по него. Луѓето тогаш биле зачудени бидејќи Курск, град на 500 километри од Москва, се наоѓал меѓу две реки, за кои не се верувало дека би можеле да го потопат градот. Кога по 20 години се случила несреќата, многумина ја виделе веродостојноста во пророштвата на Бугарката.

No comments

Powered by Blogger.