Lamborghini Aventador S Roadster за 2018-та: Неговите фотографии ќе ви кажат се'...

Пишува: Точка

Lamborghini на Саемот за автомобили во Франкфурт ја изложи рестилизираната верзија на легендарниот Aventador со отворен покрив. Па, дали може да останете рамнодушни на еден ваков автомобил?!

После минатогодишниот редизајн на Aventador Coupé, којшто во таа прилика ја доби ознаката “S”, пристига и освежениот Roadster за 2018-та година.

Инаку, дизајнот на надворешноста на Aventador S е изведен под влијание на Superveloce (SV) верзијата, такашто автомобилот сега изгледа далеку поагресивно благодарение на потенцираниот преден сплитер и потполно преобликуваниот браник, како и поголемите отвори за воздух.





И за разлика од купе-верзијата, овој автомобил наместо фиксен, има склоплив тврд покрив чијашто маса изнесува и помалку од 6 килограми. Панелите од коишто се состои покривот лесно се отстрануваат и сместуваат во багажниот простор сместен на предниот дел од автомобилот.

Lamborghini и соопшти дека панелите, инаку изработени од карбонски влакна, е возможно да се нарачаат и во мат завршна обработка или во висок сјај.

И иако склопливиот покрив има исклучително мала маса, Aventador S Roadster за 2018-та година е потежок за 50 килограми од моделот S Coupé, поради дополнителното зајакнување на каросеријата, па вкупната маса на ова возило изнесува 1.625 килограми.




Под хаубата на овој модел се наоѓа добро познатиот 6.2-литарски V12 агрегат којшто сега произведува 740 КС (40 КС повеќе отколку кај верзијата пред редизајнот) и 690 Nm максимален вртлив момент. Aventador S Roadster од 0 до 100 километри на час стига за точно 3 секунди, а максималната брзина изнесува 350 километри на час.

И исто како и рестилизираното Coupé и Roadster моделот е опремен со систем за управување на сите 4 тркала, што секако ќе ја подобри агилноста на возилото и стабилноста во кривините, како при помали, така и при поголеми брзини.



И за крај, секако дека ве интересира и цената. Почетната цена на овој автомобил во Европа изнесува 313.666 евра, а првите испораки се очекуваат во месец февруари следната година.

No comments

Powered by Blogger.