Сведок тврди: Грујевски ми се јави лично да дојдам за уништување на документацијата

Пишува: Точка

Кривичниот суд во Скопје на главната расправа почна со сослушување на сведоците во случајот „Тврдина 2“ за незаконско уништување на опремата за прислушување, во кој првообвинет е ескшефот на УБВ, Горан Грујевски, кој е во бегство, и шест службенички во Управата.

Првиот сведок вработен во МВР одби да сведочи пред судот бидејќи е син на една од обвинетите. И двајцата се вработени во МВР. Според Законот за кривична постапка, сведокот кој е во крвно сродство со обвинет има право да не даде исказ.

Судијката Лидија Петровска праша дали има уште некој од сведоците кој е во роднинска врска со обвинетите.



Вториот сведок, исто така вработен во МВР, тврди дека на денот кога било закажно уништувањето на документацијата лично му се јавил Горан Грујевски да присуствува на чинот. На директното испрашување, обвинителката Ленче Рустоска го праша сведокот кога точно се случил настанот, а тој одговори дека тоа се случило во 2015 година, но не можеше да се сети на датумот.

Сведокот потврди дека уништувањето на документацијата било во базата Брест, како и многу слични уништувања кои се случувале и претходно. Она на што се сеќава е дека близу до него имало канистер со вода и противпожарен апарат.



Сведокот потврди дека ги познава обвинетите како колеги и дека дел од нив биле присутни на денот кога била уништена опремата.

Судот даде пауза по што продолжува директното испрашување на третиот сведок повикан од СЈО.

Документите од УБК биле ставени во црни кеси и уништени во Петровец

По паузата продолжи судењето за случајот „Тврдина 2“ во кој беше сослушан третиот сведок вработен во МВР. На прашањето на обвинителката Ленче Ристоска, тој потврди дека учествувал на две такви постапки. За денот кога била уништена документацијата за прислушувањето, сведокот изјави: „Беше обичен ден. Околу 10 часот ми се јави Ванчо Цветановски или началникот Никола Бошковски, не се сеќавам, и ми кажа да земам две возила и да ги донесам пред Одделот за оперативна техника на МВР“.

Сведокот појасни дека во возилата на времето товареле црни кеси со документација за ништење и ги однеле за Петровец. На уништувањето на документацијата присуствувале сите од надлежната комисија при УБК.

На прашање на адвокатот Љупчо Шврговски да објасни описно каков бил просторот во кој се вршело ништењето, сведокот изјави: „Просторот беше ограден со камења, во кружен облик од околу три метри. Мислам дека имаше и противпожарен апарат“.

Сведокот изјави дека ова ништење на документацијата било различно од првото на коешто присуствувал бидејќи во првиот случај станувало збор за ситни белешки, а тој воопшто не знае какви документи има во црните кеси.

На прашање на судот дали обвинетите службенички во УБК се виновни, сите шест се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

Јавноста повторно е исклучена од судењето бидејќи пред судот се изведуваат класифицирани документи од УБК.

No comments

Powered by Blogger.