Секоја важна одлука е како скок од карпа

Луѓето во сè сакаат да најдат виновник, дури и онаму каде што го нема. Осудуваат постапки, осудуваат личности, животи, плукаат по нечие постоење само затоа што според нивниот суд некој е виновен, дури и во приказна каде што тие не се главни ликови.

Пишува: Црнобело

Се сеќавам на една кратка реченица што ја прочитав некаде, „Бегај од она што те прави несреќен” и јас како мало дете, го врзав тоа во крилата на мојата потсвест и го понесов со себе во понатамошниот тек од животот. Знаете, има ситуации каде што се корне душата, каде што боли срцето и во главата се вртат милион прашалници кои не ти дозволуваат да спиеш. Но, ако му дадеш време на времето... сè поминува.

Со лажичката го мешав утринското кафе во кое штотуку додадов натрен, ја спуштив чантата од рамената и ја ставив на столот до мене. Не бев гладен туку бев уморен, како да ми фалеше сон, а со деновите кои изминуваа ми фалеше сè почесто. Запалив цигара и зјапав во синото небо, со сите мисли во главата. Ќе врне, си помислив.

Го чекав мојот колега со кого заедно требаше да браниме проект во 8 часот во просторија 122. Беше 7 часот и 25 минути, тој доцнеше, а стопати му напоменав да биде тука порано за да направиме уште едно кратко повторување.

Дојде, седна, можев да забележам немир на неговото лице, претпоставувам дека тоа беше причината за неговото доцнење, па не реков ништо. Додека келнерот му носеше топло макијато во бел филџан, тој ме погледна после неколкуминутниот молк и ме запраша: „Како знаеш дали си донел правилна одлука, особено ако станува збор за големи работи во твојот живот?”

Чувствувајќи ја топлината на кафето, додека ги тргав остатоците од усните со јазикот, го погледнав чудно. Претходниот ден не спомна ништо, но имавме уште 20 минути до презентацијата, а морав да го вратам назад, и да повториме набрзина уште еднаш.

Зошто ваквите работи се случуваат кога најмалку треба?

„Не можеш да знаеш. Или ајде да преформулирам убаво, никогаш нема да знаеш. Едно мало делче, една мала воздишка, еден камен во твојата патика може да ти го смени цел живот, а не пак некоја важна одлука. Од она што јас можам да го кажам, ќе ти биде тешко и секогаш ќе се прашуваш, што ако беше вака, што ако беше така, особено ако ти си оној кој одлучува.

Можеби таа мисла ќе те мачи со месеци, како носител на таа одлука, но најважно е да знаеш што сакаш ти од животот. Кој си, каде си и каде сакаш да стигнеш. Без разлика дали станува збор за раскинување, ново работно место, пријатели, семејство, во таа приказна си важен ти и тоа како ти сакаш да постапиш. Што е она што ти го сакаш и зошто го правиш тоа?

Сè додека ги следиш твоите соништа, замисли, креации, нема ништо погрешно.

Јас на тоа гледам вака, замисли ја онаа карпата во Охрид, на црквата „Св. Јован Канео“, ти текнува? Колку пати сме стоеле таму, сакајќи да скокнеме за да го почувствуваме адреналинот, ама од страв секогаш сме се тргале и потоа ни било криво. Јас секоја важна одлука во животот ја поистоветувам со тоа. Земаш здив, се препушташ на она што веруваш дека е правилно, го чувствуваш адреналинот, бидејќи тоа е тоа што првично те натерало да се одделиш од височината.

Што ќе биде долу, дали ќе ја дупнеш главата во карпите или пак ќе испливаш безбедно на површината без да се повредиш, зависи од твоето искуство и многу околности. Но кога ќе бидеш таму долу, без разлика што се случило, само ќе погледнеш нагоре и ќе речеш, зошто чекав толку долго?”

Тој не рече ништо, само ја отвори презентацијата и повторуваше. Ќе биде добро, многу подобро, како и оваа наша презентација, ќе биде одлично...

No comments

Powered by Blogger.