Почина најбогатата жена во светот


Фото: Reuters Пишува: Факултети

Најбогатата жена во светот, Лилиен Бетенкур, наследничка на глобалниот козметички гигант „Лореал“, почина во средата во нејзиниот дом во Париз.

Бетанкур била најголемиот акционер во „Лореал“, а списанието „Форбс“ ја смести меѓу најбогатите луѓе во светот - оваа година ја смести на 14. место. „Форбс“ нејзиното вкупно богатство го процени на 44,3 милијарди долари, што ја прави најбогатата жена во историјата.

„Лилиен Бетанкур почина синоќа во својот дом“, изјави нејзината ќерка Франсоа Бетанкур Маерс.

„Мајка ми замина мирно“, додаде таа.

Бетанкур поголемиот дел од животот се држела понастрана од медиумите и ретко давала интервјуа. Нејзиниот татко, основач на „Лореал“, Јуџин Шулер, во 30-тите години на минатиот век ја финансирал насилната фашистичка групација „Ла Кагола“, а по војната на голем број членови на групата им дал засолниште во неговата компанија.

Лилијан во 1950 година се омажила за политичарот Андре Бетанкур, поранешен член на „Ла Кагола“, кој држел неколку министерски места во француската влада во текот на 60-тите и 70-тите, а подоцна работел како директор на „Лореал“.

Лилиен се нашла во центарот на вниманието поради аферата со францускиот писател и фотограф на славните личности, Франсоа-Мари Бание, кој го запознала во 1987 година кога требало да ја фотографира за францускиот магазин „Егоист“.

Во текот на наредните 20 години Бетанкур му давала подароци и услуги во вредност од околу 1,3 милијарда евра: две полиси за осигурување во вредност од 515 милиони евра, 11 уметнички дела вредни 20 милиони евра, а меѓу нив и слики од Пикасо, Матис, Мондријан и друго.

Нејзината ќерка, еден месец по смртта на татко си, во 2007 година покренала обвинение против Бание и го обвинила дека ја искористува психолошката слабост на нејзината мајка за свои цели.

Судењето се влечело до 2010 година, бидејќи Лилиен одбивала да помине психолошко тестирање за да се утврди дали е свесна за своите постапки. Тогаш медиумите објавиле снимки направени од нејзиниот батлер Паскал Бонефој, кој снимал разговори со неа бидејќи се плашел дека боледува од Алцхајмерова болест и дека Бание ја искористил.

Снимките откриле дека Бетанкур во својот тестамент го наведува Бание како единствен наследник на својот имот, освен акциите од „Лореал“ кои веќе биле препишани на нејзината ќерка и на двајца внуци. Лилиен тогаш се смирила со својата ќерка и го избришала Бание од тестаментот, но повторно следувала расправија наредното лето, кога ѝ рекла да побара психијатриска помош.

Семејството во средината на 2011 година покренала судска постапка за на Лилиен да ѝ се додели старател, тврдејќи дека не е во состојба да се грижи за своите потреби и за богатството. На крајот, судот ѝ го додели богатството на нејзината ќерка, додека нејзиниот внук Жан-Виктор Маерс бил назначен за нејзин личен старател.

Во последните години медиумите ја споменуваа Лилиен како финансиер на конзервативните француски политичари, вклучувајќи го и поранешниот претседател Никола Саркози.

No comments

Powered by Blogger.