Добредојдовте во "градот на хероинот": Тука секоја четврти жител е зависник од тешки дроги

Пишува: Точка

Во еден град во Америка наркоманската криза достигнала толку критична состојба што секој четврти жител е зависник од наркотици, додека еден од нив признал и дека крадел од своите деца за да се "надува".

Изложувајќи ги своите тела на исцрпувачка работа во некогаш профитабилните челичарници во Хантингтон, во западна Вирџинија, не изненадува многу што голем дел од граѓаните на ова место чувствуваат хронични болки.

За кратко време употребата на силни лекови против болки кои предизвикуваат тешка зависност скокнала многу. Меѓутоа, кога властите вовеле мерки на преголемото препишување на лекови против болки, милиони луѓе ширум САД влегле во состојба на апстиненција, пренесува британски Mirror.

Во Хантингтон, град со околу 49.000 жители, многумина се свртеле кон поевтината, но и подеструктивна варијанта, за да ги издржат силните болки - хероин. До денес употребата на дрогата е толку раширена во ова место, што секој четврти жител е зависник, додека бројот на фатални предозирања е 13 пати повисок од просекот во Америка, поради што за многумина овој град е познат како "Градот на Хероинот".



За прв пат во последните две децении просечниот животен век во САД се намалува, покажува алармантната статистика која се објаснува со пораст на фаталното хероинско предозирање.

25-годишната Прети Катилиа, една од жителките на Хантингтон зависна од хероин, рекла дека живеела со богатиот вујко кој ја расипал давајќи и пари, кои на 17 години почнала да ги троши на дрога. Денес живее со момчето Ал, за кого вели дека ја тепа, но додава дека е со него бидејќи и дава дрога.

Во новиот документарен филм на BBC, таа му кажала на репортерот Луис Теро дека дневно шест до седум пати внесува тешки дроги, што ја чини околу 200 долари. Претходно работела во продавница за брза храна, подоцна како проститутка, но некогаш и крадела.

"Ал ме прави нервозна бидејќи веќе по две недели ме претепа и ме искористи со помош на дрога. Некогаш сака да се шегува дека ме поседува. Како да сум му домашно милениче. Да не е дрогата немаше да бидам тука", рекла таа. Меѓутоа, како што вели, таа не сака да се одвикне од наркотиците.

Во Хантингтон обично работата на пожарникарите е да им помогнат на луѓето кои ќе се предозираат, и во тие случаи го користат лекот Наркан во форма на спреј, и кој моментално ги "превртува" ефектите на опијатите.

Како што рекла шефицата на пожарникарите, Жан Рејдер, само минатата година во овој град со помалку од 50.000 луѓе имало 1.100 случаи на предозирање, а дека оваа година тој број би можел да се дуплира.

"Околу 80 проценти од сите кои ги сретнавме почнале со легална зависност, поради препишување на лекови против болку кои предизвикуваат зависност. Тажно е. Кога веќе не можат да дојдат до лекови земаат хероин, бидејќи е поевтин и полесно се набавува", вели Рејдер.

Иако постојат програми за одвикнување, помалку од 10 проценти завршуваат успешно. Еден од малкуте поранешни наркомани, Мик Вотсон, рекол дека откако ја оставил дрогата станал друг човек.

"Тоа е секојдневна борба. Осуден сум за второстепен грабеж, украдов лаптоп од некој човек. Бев издрогиран и сакав пари за да се дрогирам. Станувам друга личност кога ќе се издрогирам. Мојата сопруга вели дека самиот ѓавол влегува во мене. Станувам многу насилен, не се грижам дали ќе повредам некој или што ќе земам од некој. Крадев од сопствените деца, дозволував мажи орално да ме задоволуваат...Ќе направите се", рекол Вотсон.

Како што рекол, се предозирал преку 100 пати, 10 пати поради тоа завршил во болница.



"Дојдов до стадиум телото да ми се тресе и не можев да издржам повеќе од еден час без дрога. Доста беше", рекол тој.

Градот има проблем и со новородените бебиња чии родители се наркомани. Секое десето бебе доаѓа на светот зависно од дрога. Плачат и не поднесуваат допир бидејќи кризираат.

Меѓутоа, не сакаат сите зависници да прекинат со дрогата. Нејт Велш, кој станал зависен од лекови против болки откако го удрил автомобил, а потоа и од херон, за BBCго опишал чувството по земањето на тешките дроги.

"Тоа е како динамит кој нема да направи апсолутно ништо во светот, освен да направи да се чувствуваш најдобро што можеш. Го палиш фитиљот, гледаш како гори, и знаеш дека во секоја секунда ќе ти го разнесе мозокот. Зошто би сакал да го уредам својот живот? Премногу уживам", рекол Велш.


No comments

Powered by Blogger.