Уапсен е Игор Југ, насилникот од Собранието кој се бараше со потерница

Пишува: НОВАТВ

Утрово во Куманово уапсен е Игор Југ, еден од насилниците кој влезе во Собранието за време на крвавиот четврток, велат извори од истрагата. На Игор Југ му беше одреден притвор и се бараше со потерница за учество во насилните протести, но тој досега не беше достапен за органите на прогонот.

Игор Југ е водач на здружението „Владо Черноземски“ од Куманово кое беше дел од патриотскиот фронт. Пред настаните во Собранието, фронтот упати декларација до јавноста дека се против начинот на работата во македонскиот парламент и се заканија со други мерки.

Југ на 27-ми април беше дел од групата која успеа да стаса до собраниската прес- сала каде беше извршен напад врз пратениците на актуелната власт. Во парламентот влегол преку предната врата која ја отворија пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски, додека голем дел од насилниците со фантомки влегоа од задниот влез во Собранието. Носеше црна маица со симболот на про-усташката организација ХОС, а беше забележан како подолго време ја држи раката на грбот под маицата по што јавноста се прашуваше дали бил вооружен со огнено оружје.

Пред неколку дена српскиот разузнавач, Горан Живаљевиќ, кој исто така беше во Собранието за време на протестите на 27. април го посочи Игор Југ како човекот кој требал да го убие лидерот на СДСМ, Зоран Заев.



„На тие фотографии, на кои тие луѓе влетуваат со маски и го тепаат Заев, има и човек со амблем на Хрватските вооружени сили Игор Југ и ако ја гледате снимката се гледа деката раката ја држи зад грб. по некои информациии, тоа е човекот кој требало да го убие Заев. Не видов дали во македонските медиуми пишуваше дека тој човек е уапсен“ – изјави Горан Живаљевиќ.

Тој на својот Фејсбук профил демантираше дека сакал да го убие Заев и порача.

„Ако сум сакал некого да убијам, зошто не сум го убил? Кој можеше да ме спречи? Можев со раце да удавам некој ако сакав, таму бевме 200 на 1!! Јас ли треба да бидам жртвено јагне во оваа ситуација!“

Од МВР велат дека засега немаат официјални податоци за апсењето на Југ, повеќе детали најавија во текот на денот.

No comments

Powered by Blogger.