Дебели се речиси петтина од македонците: Многу седиме, преобилно јадеме

Лошата исхрана и слабата физичка активност се најголемите виновници за епидемијата на зголемена телесна тежина и дебелина во светот. Проблемите со вишокот килогрaми и дебелината не ги одминува и нашите граѓани и, како што заклучуваат лекарите од Институт за јавно здравје – ИЈЗ, се сè повеќе присутни. Податоците на Институтот покажуваат дека 62,7 проценти од мажите и 48,4 отсто од жените постари од 18 години имаат зголемена телесна тежина. Дебели, пак се 19,6 отсто од мажите и 17,2 проценти од жените.



Извор: Pixabay

Расте бројот и на дебели деца

Од ИЈЗ велат дека споредбените податоци од спроведувањето на Иницијативата на Светска здравствена организација - СЗО за следење на дебелината кај децата во Европа, покажуваат дека во Македонија расте бројот на деца со зголемена телесна тежина. Имено, процентот на машки деца со вишок килограми од 2010 до 2016 година пораснал од 37,9 на 39,4 отсто, а кај девојчињата од 31,5 на 32,9 отсто. Ако во 2010 година биле дебели 19,5 отсто од момчињата, во 2016 година овој процент се зголемил на 20,5 отсто. Кај девојчињата кои се соочуваат со дебелина процентот пораснал од 13,1 на 15,2 отсто.

Голема понуда на храна, многу јадење, малку вежбање

Лекарите велат дека многумина од граѓаните имаат информации и за здравата храна и за потребата од физичка активност, но не ги применуваат препораките.
- Имаме малку физичка активност и т.н. седечки животен стил. Немаме доволно места за физичка активност, ниту доволно велосипедски патеки. Во исхраната неретко доминира преработената храна. Не е регулирано рекламирањето на одредена храна. Во исто време кој како сака си зборува за храната и дава препораки. И државата и здравствениот систем мора да посвети внимание на проблемот со прекумерната тежина и дебелината – вели д-р Игор Спироски од Институт за јавно здравје.

Од ИЗЈ објаснуваат дека начинот на снабдување со храна драматично е изменет во последните неколку децении. Од 70‐тите години на минатиот век, па се до денес, има се поголем избор на она што се нуди како храна. Најмногу од се е зголемен изборот на додадени масти и масла, жита, млеко и млечни производи и концентрирани шеќери. Исто така, зголемена е и големината на порциите кои ги јадат граѓаните. Истражувањата покажале дека кога се служат поголеми порции луѓето јадат повеќе храна. Во исто време докажано е дека луѓето кои живеат во околина на ресторани со брза храна имаат повисок индекс на телесна маса. Зголемен е односот на калории кои се добиваат од храна која се јаде надвор од дома, во однос на онаа која се подготвува и јаде во домашни услови.

Лекарите советуваат дека контролирањето на внесот на калории преку храна и пијалаци е клучно за постигнувањето на калориска рамнотежа. Во исто време, внесените калории мора да се еднакви со оние кои телото ќе ги потроши за да се оддржи иста телесна тежина.

Специфичен инвалидитет

Денес е Светски ден за борба против дебелината. Да се спречи дебелеењето, согласни се лекарите, значи да се намали еден од најзначајните фактори на ризик за кардиоваскуларни болести (на срце и крвни садови), шеќерна болест или дијабет тип 2 и малигни болести. Луѓето кои имаат зголемена телесна тежина или се дебели живеат со специфичен инвалидитет и со намален квалитет на живот. Појавата на болести кај нив е поизвесна и носи ризик од предвремена смрт.

- Спречувањето на појава на дебелината е комплексен процес кој не треба да е одговорност само на здравствените власти или личностите кои се соочуваат со него. Справувањето со овој проблем бара сеопфатна акција на повеќе сектори во општеството, односно пристап на „цела влада“ и „цело општество“ - велат од Институтот.

No comments

Powered by Blogger.