Најголемиот товар во животот го носиш сосем сам

Уште еден ден помина и преживеав, иако си мислев дека кога се разбудив утринава нема да стигнам да ја дочекам темнината и да се истркалам по овој растурен кревет и оваа тврда перница, сепак успеав и еве ме, лежам тука спремајќи ја истата мисла за утре. Како подготовка за добро утро.

Пишува: Црнобело

Не знам зошто, ама така се чувствував се почесто, секојдневно, како да ми беше смачено од притисокот на секојдневието, како да ме толчеше помислата дека утре, повторно, треба сè од ново. Преку глава ми беше од сè, а верувам не бев само јас со таква приказна.

Дали јас грешев што дозволував да им дадам толкаво значење на работите?

Дали само јас се притискав од секојдневието на таков начин или бев еден од многуте кои го носат тој товар без да писнат, губејќи дел од себе малку по малку со секој изминат час. Која беше целта на таквото константно живеење под стрес?

Одговор немаше, најверојатно сè добиваше смисла, но потоа, кога веќе ќе изгубиш нерви и волја да се занимаваш со она што те мачело, кога ќе отрпнеш, сè ќе добие смисла, дури и она што никогаш немало.

Како животот да беше некој психопат кој упорно не бодеше со игла, првиот пат боли до коска, вториот веќе знаеш како е, а понатаму се навикнуваш и веќе не ни приметуваш, едноставно сеедно ти е. Не знаеш зошто, не знаеш кога, ама веќе си отрпнал и се е залудно. Зошто постоеше тој мазохизам?

Не знам зошто воопшто го напрегав мозокот со такви мисли некаде по полноќ, додека сите пробуваа да заборават што било, јас како да не ми беше доволно па упорно размислував, превртував, преиспитував, како да сакав уште толку да си наштетам на себеси. Дали јас бев нормален или во таквата константна одбрана од општеството го изгубив разумот?

Дали искрените, невини души, кои немаат трошка зло во себе се предадени да бидат изедени од подлоста на општеството, за токму тие да станат исти како нив?

Каде припаѓав јас?

Додека си велев престани и спиј, некаде во главата почнав да размислувам за товарот кој го носи секој од нас. За луѓето кои не опкружуваат и сите кажани зборови, дел од нив вистина, поголем дел лага. Многу искрени, но и многу подли. Не сите на овој свет живееа за креацијата на розовиот свет, кој потем е невозможно да постои, зошто едноставно имаше луѓе кои се хранат од црни сценарија.

Се присетив на случки, се присетив на настани и луѓе. Убаво е кога имаш некој крај себе, но од она што го знаев и од она што можев да го кажам, најтешките товари од секојдневието ги носиш сосема сам. Иако изгледаш исправено, гордо, насмеано, иако сè изгледа како коцките да ти се местат една по една а ти само прелетуваш низ животот со леснотија, луѓето никогаш нема да сфатат што се крие зад завесата. Понекогаш затоа што не дозволуваме, понекогаш затоа што не сакаат да сфатат и признаат.

Како и да е, тоа беше точно, најголемиот товар во животот го носиш сосем сам. Секогаш ќе има утешителен збор, секогаш ќе има некој крај тебе, прегратка, телефонски разговор, можеби и часови потрошени во дружба. Но тој товар треба да го износиш сам, а богами животот убаво знаеше да те натовари како магаре, безмилосно, безобѕирно.

Аха, што ми беше поентата во ова цело мое дрдорење, она што си го викав секоја вечер пред да заспијам. Немој да се скршиш, или ајде да кажам, не дозволувај да те скршат. Ќе се мачиш ден или два, недела, можеби и цела година и ќе мислиш дека полошо не може да биде, може, но може да биде и многу подобро.

Од она што мене ми се случило, а ми се случило многу, можев да кажам дека вреди да бидеш во период на депресија кога сè те нервира и ништо не ти оди од рака, кога светот е едно одвратно место за живеење, но поминува. Ќе помине.

Можеби ќе легнуваш и ќе се будиш со мислата дека сè е залудно и ќе живееш без волја, но ќе ја најдеш причината, порано или подоцна доаѓа. Ќе дојде.

Со товарот на животот мора да научиш да ракуваш паметно, да најдеш баланс дури и кога мислиш дека колениците попуштаат. Да живееш како да не постои, да бидеш свесен за неговото присуство и да знаеш како да се спротивставиш за да не изгубиш рамнотежа.

Има време кога ќе запрат сите тажни песни и ќе почне нова мелодија, не сме ние нескршливи, но не треба да дозволиме да не распарчат. Секој кој живее во тага треба да знае дека не е сам, тука сме постоиме, сите, повеќе или помалку сме во иста каша.

Излез има, баш како што светлината на месечината продира во собата. Колку и да изгледа невозможно, ќе дојде време кога товарот ќе се намали и исчезне, кога ќе го спуштиш од рамена и ќе кажеш, го носев достојно и ќе се насмееш, онака хистерично, потсетувајќи се на сите пати кога си помислил да се откажеш.

Затоа додека го местиш алармот за утре, потсети се неколку пати, пред да заспиеш, дека во животот во никој случај не профитира оној кој се откажува!

Н. Буџак | Црнобело

No comments

Powered by Blogger.