Малата Фрида воопшто не постои?! Неверојатен расплет во потрагата по девојчето заробено под урнатините

Пишува: Точка

Мексиканците неколку дена биле целосно преокупирани со судбината на девојчето наречено Фрида Софија, која била жива заробена во урнатините на основното училиште по земјотресот и предизвикала френетична трка со времето на спасувачите во настојување да и го спасат животот, но изгледа дека тоа девојче никогаш не постоело.

Иако за девојчето на големо се пишувало во домашните, но и во светските медиуми, владините службеници всушност никогаш не го потврдиле нејзиниот идентитет. Девојче со тоа име не било запишано во урнатото училиште.

Министерството за образование никако не можело да ги пронајде родителите или роднините на девојчето за кое медиумите известувале како за 12-годишната Фрида Софија.



Пишаните медиуми и мексиканската телевизија Televisa јавувале со денови дека спасувачите по разорниот земјотрес со јачина од 7,1 степен според Рихтер, успеале да воспостават комуникација со девојчето, кое им кажало дека во близина има уште двајца ученици, но не знаела дали се живи. Спасувачите, тврделе медиумите, рекле дека ја виделе нејзината рака, и на прашањето дали е жива, таа мрдала со прстите.

Во четвртокот на пладне мексиканската морнарица, чии спасувачи биле задолжени за таа локација, објавила дека нема никакви знаци дека под урнатините на 3-катниците во која било училиштето има преживеани. "Сите деца се на број, или за жал мртви, или безбедни во своите домови", рекол државниот потсекретар на морнарицата, Анхел Енрике Сармиенто, додавајќи дека владата никогаш немала сознанија за девојчето кое наводно било живо заробено под урнатините.



Приказната за Фрида по неколку часа добила уште почуден расплет. Сармиенто повторно се појавил пред камерите и рекол дека сепак "морнарицата дистрибуирала извештај за девојчето под урнатините, темелен на сведочењето на спасувачите" и со тоа противречел на својата претходна изјава. Не понудил никакво објаснување за своите контрадикторни изјави, но се извинил. "Им се извинувам на Мексиканците што претходно им реков дека морнарицата немала никакви сознанија за малолетничката која ја преживеала трагедијата".

Сармиенто рекол дека од урнатините биле извлечени неколку мртви тела и дека можеби нивните прсти биле тие за кои спасувачите мислеле дека мрдаат. Демантирал дека морнарицата или тој лично сакале да ја залажат јавноста.



Televisa единствена имала пристап до урнатото училиште, а сите останати медиуми, вклучувајќи ги и странските, ја пренесувале приказната мислејќи дека е вистинита.

Информациите дека Фрида Софија всушност не постои, во Мексико предизвикале бес. На Твитер веднаш бил поставен хаштаг #Fake News, а корисниците се жалат дека медиумското внимание на овој случај го одвлекло вниманието од вистинските акции за спасување на други локации.



И покрај целата технологија донесена до урнатините во училиштето, вклучувајќи и термални камери, сензори и скенери, грешката веројатно се случила поради ентузијастичните спасувачи, кои еден по еден ползеле во тунели до внатрешноста на училиштето.

"Мислам дека немало злобна намера", вели аналитичарот Алехандро Хоуп. "Тие сакале да веруваат дека некаде доле уште има живи деца".

Во училиштето загинале 21. ученик.

No comments

Powered by Blogger.