Села: Имам самопочит и интегритет, нема да бидам министер на Заев

Пишува: Точка

Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, негира дека ќе го замени својот сопартиец Арбен Таравари, на министерското столче во министерството за здравство.

По пишувањата во дел од медиумите дека екс градоначалникот на Струга е можен кандидат за прв човек во здравството, Села за Макфакс вели дека нема намера да биде министер на Заев.

– Јас министер на Заев!? Па Ве молам, се сметам себеси за човек кој има самопочит и интегритет, изјави Села за Макфакс, без да прецизира дали ова значи дека Алијансата за Албанците ќе ја напушти владината коалиција.



Зијадин Села ја изгуби битката за градоначалник на Струга, од кандидатот на ДУИ – Рамиз Мерко, кој досега ја извршуваше функцијата министер без ресор за привлекување странски инвестиции. Села изјави дека не ги признава изборните резултати, бидејќи според него, имало поткуп и уцени на гласачи вршени од партиски активисти заедно со полицијата. Тој го обвини Заев дека успеал да ја продлабочи поделбата меѓу етничките заедници, а Ахмети го повика да се пресметаат на парламентарни избори.

Министерот за здравство Арбен Таравари се очекува да ја преземе градоначалничката функција во Гостивар, а за негов наследник веќе се шпекулираат имињата на офталмологот Беким Татеши, кој моментално е директор на Универзитетската клиника за очни болести во Скопје и д-р Фатмир Џафери, кој исто така е специјалист за очни болести.




Дали министерството за здравство ќе остане „резервирано“ за Алијансата за Албанците, нема официјална потврда, иако Таравари кога ја најави својата кандидатура за градоначалник уверуваше дека неговата партија има доволно лекари , кои ќе може да го заменат во министерството за здравство. Владата треба најде и нов човек на местото заменик-министер за образование откако Висар Ганиу поднесе оставка и беше избран за градоначалник на Чаир.

No comments

Powered by Blogger.