Кеси на седиште, јадење бурек: 7 бонтон прекршоци во градските автобуси

Користењето на јавниот превоз честопати е непријатно искуство. Иако постојат одредени непишани кодекси за добро однесување, се чини дека нашиот народ воопшто не ги почитува за време на возењето.

Пишува: Точка

Ви ги споделуваме седумте важни правила кои граѓаните редовно ги кршат во автобусите:
1. Пред влегување во возилото, прво треба да ги пуштите патниците да излезат од него.

Турканиците и буткањата на вратите од автобусот се глетка за која сите секојдневно сведочиме. Особено во текот на утринските или попладневните гужви, кога луѓето одат, односно се враќаат од работа.

Пропуштањето на патниците за тие непречено да излезат од возилото е прашање на добри манири. Но, колкумина реално ги имаат?


2. Седиштата се за луѓе, а не за лични работи.

Доколку седите во полупразен автобус, па на седиштето покрај себе ја поставите чантата или кесите, сигурно нема никој да ви замери.

Меѓутоа, ако истото го направите кога во возилото има маса луѓе, а (ни)малку слободни места за седење, тогаш патниците со полно право ќе ви преречат за таквото однесување. Седиштата се пред сѐ предвидени за луѓе, а не за личните работи.

Кога се изговорите во прашање, се наслушавме секакви чудни причини поради кои се крши ова правило. Од жени што не сакаат да си ја згужваат облеката, до мажи кои едноставно „не знаат“ што да им прават на предметите, па неретко на седиштата ги складираат дури и влажните чадори(?!).


3. Гласните разговори мора да се избегнуваат.

Колкупати сте се враќале уморни од работа, а до вас од спротивниот крај одекнувал продорниот глас на сопатникот, кој не умее тивко да говори на мобилниот телефон?

Или, можеби сте се труделе да ги игнорирате викотниците на група од патници, што (пре)гласно си муабетат во возилото?

Ако вревата во автобусот неизмерно ви оди на нерви, не грижете се – тоа е сосема природна реакција. Во јавниот превоз треба се биде обѕирен и да се разговара со пристоен тон на гласот.


4. Возилата за јавен превоз не се ресторан.

Во јавниот превоз, консумацијата на храна е „забранета“. Секако, секому се случува некогаш да посегне по залак суво печиво, или, пак, некое чоколатце за да ја ублажи гладта, а тоа на сопатниците вообичаено не им пречи.

Меѓутоа, кога на менито ќе се најдат разноразни пици, хамбургери, сендвичи со салама, буреци, печива со виршли, како и други мирисливи производи, може и тоа како да создаде проблем.

Имајќи предвид дека автобусите честопати не се доволно проветрени, тешките и опојни мириси неизбежно ќе предизвикаат мачнина кај осетливите луѓе.

Па, пожелно е таквиот тип на храна сепак да го каснете пред возењето и надвор од возилото.


5. При кивање и кашлање треба да се покрие устата.

Никој не сака на подарок од својот сопатник да добие бактерии или вируси, коишто може да му предизвикаат здравствени проблеми.

Особено важно е да се присетите на ова правило во постудените месеци, кога сезоната на настински и грипови е во полн ек.


6. Држењето за ракофатите е задолжително.

На тој начин, првенствено си правите услуга самите на себе, бидејќи ќе ја спречите потенцијалната незгода, пад, или, пак, повреда, во случај автобусот нагло да закочи.

Од друга страна, ќе го избегнете и чувството на непријатност до кое доаѓа, откако на некој од сопатниците ќе му се залетате во прегратка, седнете во скутот, или можеби стапнете по ногата, само затоа што не сте се придржувале во возилото.


7. На ранецот не му е место на грбот за време на гужви.

Ако никогаш не сте доживеале удар со ранец во главата, или, во подобра варијанта - некој друг дел од телото, тогаш навистина сте прави среќници.

Кога во возилата на јавниот превоз е преголема гужва, ранецот треба да се симне од грбот, а да се држи во рацете, како би ја избегнале споменатата незгода.



Какво е вашето искуство на оваа тема? Кој тип на однесување од нашите сограѓани најмногу ви пречи во градскиот превоз?

No comments

Powered by Blogger.