Цената - вистинска ситница: Зошто богаташите масовно купуваат ЕУ пасоши - пасошот на една земја чини дури 2 милиони евра!

Пишува: Точка

Во рамките на програмата "Со вложување до државјанство" или "Citizenship by investment", годишно се продаваат меѓу 3.000 и 5.000 патни исправи. Пасошите на сопствениците им овозможуваат да влегуваат во различни земји без виза, но им носат и олеснувања на оние кои се занимаваат со сомнителни бизниси. А цената, вистинска "ситница": зависно од земјата на издавање, чинат меѓу 100.000 и 2,5 милиони американски долари.

"За екстремно богатите луѓе може да биде многу значајно да имаат уште еден или два пасоши, затоа што тие им овозможуваат едноставно да патуваат, дали службено, дали деловно", вели за Guardian Нури Кац, претседател на корпорацијата за управување на богатството на "Apex Capital Partners".

"Ако имате неколку пасоши, тоа вам ќе ви овозможи поразлично управување со даночните оптоварувања", додава тој.

Многу богаташи собирањето на пасоши го претвориле во хоби.

"Некои луѓе веќе имаат пет или шест пасоши", вели претседателот на корпорацијата.

Како што пишува британски Guardian, владата на Кипар со продажба на пасоши се збогатила за повеќе од 4 милијарди евра од 2013-тата година, така што на супербогатите им овозможува да станат граѓани на ЕУ и да живеат и работат во Европа, во замена за парични инвестиции во островската земја. Повеќе од 400 пасоши во оваа шема биле издадени само минатата година.

Листа од стотина имиња на луѓе кои профитирале преку оваа шема протекла во медиумите, и во неа се наоѓаат некои истакнати бизнисмени и луѓе со големо политичко влијание.

Поранешен член на рускиот парламент, основачите на најголемите комерцијални банки во Украина и милијардери се наоѓаат на таа листа. Меѓу нив е олигархот и уметнички колекционер, но и претседател на фудбалскиот клуб Монако, Дмитриј Рибовљев. На листата има и еден сириски бизнисмен, кого американските дипломати го опишуваат како "лице од постер за корупција".

Загриженост во ЕУ

Продажбата на државјанствата на ЕУ предизвикала голема загриженост во Брисел, но и меѓу борците против корупцијата, кои истакнуваат дека на овој начин "се влегува во ЕУ на мала врата".

"Русите и сите кои имаат кипарски пасоши, а не живеат на Кипар, навистина на не-фер начин купуваат пристап во ЕУ. Давање на државјанства на богати луѓе само затоа што се богати е против сите европски принципи за еднаквост", вели за Bloomberg Миклош Лигети, директор на унгарското претпријатие "Transparency International".

Ана Гомес, португалска пратеничка во Европскиот парламент, опишала како "шемата е апсолутно неморална и перверзна".

"Не сум против тоа на луѓе да им се одобрува државјанство ако тие дадат посебен придонес на државата во уметноста или науката, па дури и во инвестициите. Но, да се одобрува, а не да се продава државјанство", рекла таа.

Кипар е најскап, но не е единствен

Најскап е кипарскиот пасош, кој чини два милиони евра и овозможува влез без виза во повеќе од 150 држави. Пасошот на карипската островска држава Света Луција, исто така овозможува влез во голем број на држави, но е многу поевтин: за 85.000 долари можете да влезете во 120 држави. Патните исправи најчесто ги купуваат кинески богаташи, бидејќи со кинескиот пасош може да се влезе во само 50 земји.

Малта за своето државјанство бара 650.000 евра, плус вложување во недвижнини од најмалку 350.000 евра, како и дополнително вложување од 150.000 евра во државни обврзници, без притоа да се знае јазик или да се престојува во земјата.

Во првите шест месеци од 2015-тата година Малта добила 200 нови државјани, и така инкасирала повеќе од 430 милиони евра, наведуваат податоците кои ги собрале инспекторите од ОН.

Во Португалија процесот за купување на државјанство е многу покомпликуван. Покрај половина милион евра вложување во недвижнини, потребни се и шест години престој во земјата и течно знаење на португалскиот јазик.


No comments

Powered by Blogger.