СЈО oстанува без една обвинителка?


Пишува: АЛСАТ

Специјалното јавно обвинителство потенцијално може да остане со уште еден обвинител помалку. Според неофицијални, но добро упатени извори, обвинителката Лиле Стефанова минатиот месец конкурирала за позиција во републичкото јавно обвинителство. Со оглед на тоа дека за позицијата се пријавени 40-тина кандидати битката е неизвесна, но сепак останува можноста Катица Јанева да остане без еден од поискусните кадри.

АЛСАТ М се обрати и официјално до СЈО со прашање за тоа дали ако Стефанова замине, тоа би се одразило на работата на институцијата но и на предметите кои таа ги работеше. До овој момент сепак, немаме и повратен одговор.

Според неформални извори потенцијалното заминувања на Стефанова секако ќе влијае на капацитетите на обвинителството, иако олеснителна околност е што доаѓа по крајниот рок на СЈО за поднесување нови обвиненија. Ќе остане и прашањето, кој ќе ги застапува предметите пред суд доколку обвинителката замине. Мотивите за ваквиот чекор на Стефанова засега се непознати, но повеќе извори тврдат дека чекорот не е последица на недоразбирања туку личен избор.

Лиле Стефанова дојде во СЈО со речиси две децении искуство во обвинителството и тоа од позиција во Обвинителството за организиран криминал и корупција. Најголемиот предмет кој го работи во Специјалното јавно обвинителство е „Титаник“, каде врвот на ВМРО-ДПМНЕ е обвинет за злосторничко здружување, злоупотреба на пари во изборната кампања и повреда на избирачкото право. Токму за овој случај основниот и апелацискиот суд донесоа одлуки за одземање на пасошите на екс премиерот Никола Груевски и други високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

Со евентуалното заминување на Стефанова, СЈО ќе остане со 10 обвинители вклучувајќи ја тука и Катица Јанева. Ова обвинителство ја почна работата со 13 обвинители, но на почетокот на 2016-тата од непознати причини оттаму си заминаа обвинителките Лејла Кадриу и Марија Ѓореска.

No comments

Powered by Blogger.