Силувач, свет доктор и рок ѕвезда: Кој е контроверзниот гуру поради кој вчера избиле жестоки нереди ширум Индија?

Пишува: Точка

Бројот на настрадани во нередите во Индија настанати за време на протестот поради одлуката на судот со која контроверзниот гуру Рахим Синг е прогласен за виновен за силување, пораснал на 30. Кој е човекот поради кој, според пишувањата на индиските медиуми, 200.000 луѓе излегле на улица и се судриле со полицијата?

50-годишниот Рам Рахим Синг по многу работи е контроверзна и необична личност. За едни е духовен лидер, за други е измамник, а самиот себе се нарекува свет доктор.


Центарот на сектата на чие чело се наоѓа е во Северна Индија, но има уште 46 центри низ земјата и светот. Според зборовите на самиот Синг, бројот на приврзаници на сектата преминува 60 милиони луѓе.




Суперстар

На својот официјален сајт е опишан како "духовен филантроп, пејач и спортист". Снимил неколку филмови, настапувал на рок концерти, а продава и сопствена линија на прехранбени производи. Познат е и како "Рокстар Баба", и "Гуру Блинг", поради склоноста кон скапоцен накит. Неговиот стил е инаку многу живописен - тој носи шарени работи, многу накит, капи, качкети и шарени марами.


Обвинет за убиство и силување

Прв пат под истрага бил уште во 2002. година, кога прв пат бил обвинет за силување на две приврзанички на своето движење. Тогаш тужбите биле отфрлени, но вчера за тој случај конечно бил прогласен за виновен, а за два дена ќе му биде изречена и казна. Медиумите пренеле и дека е осомничен за убиство на новинарка која истражувала дали тој навистина ги силува своите приврзанички.



Обвинет е дека натерал 400 свои следбеници да направат кастрација за да можат да се доближат до Бог. Тој сам тврди дека тоа не е точно.

"Обвиненијата дека некого сум терал на кастрација се 100 проценти лажни. Никогаш од никој не сум барал тоа да го прави", рекол тој за India Times.



Насилства ширум Индија

Во текот на вчерашниот ден неговите приврзаници се собрале пред судот во градот Панчкула, во индиската држава Харајана, каде се наоѓа и центарот на неговата секта. Откако било објавено дека нивниот гуру е осуден за силување, бесната маса демонстранти ја запалила зградата на Владата, ја нападнала полицијата и новинарите и кршела возила.



Полицијата употребила солзавец и водени топови. Повеќе од 1.000 приврзаници биле приведени, околу 100 биле повредени, додека бројот на настрадани изнесува 30.

No comments

Powered by Blogger.