Инцидент помеѓу Бакрачески и Сашко Коцев на Охрдиско лето, за малку избегната тепачка

Пишува: Точка

Според извор на Плусинфо, Сашко Коцев го провоцирал градоначалникот Бакрачески и кажувал погрдни зборови за Талат Џафери.

На општо изненадување на сите присутни на свечениот коктел по претставата „На ничија земја“, која третира случки од воениот српско-босански конфликт во деведесетите, со која заврши 57-то издание на Охридско лето, се случил тежок инцидент, односно вербална пресметка помеѓу актерот Сашко Коцев и охридскиот градоначалник Никола Бакрачески, пишува Плусинфо.

Во дел од медиумите се тврди дека дошло и до физички контакт и пресметка помеѓу двајцата. Имало работа и за полицијата, која дошла за време на инцидентот, со намера да интервенира, но според наши извори, токму на инсистирање на Бакрачески, тоа не се случило. Сепак, Сашко Коцев го пријавил инцидентот во полиција, тврдејќи дека бил нападнат.

Дел од медиумите тврдат дека Коцев бил незадоволен од фактот што, според него, публиката немала услови да ја следи претставата. Според друга верзија на настанот, актерот се налутил што доцнеле Бакрачески и собранискиот спикер Талат Џафери. Плусинфо го контактираше градоначалникот Бакрачески, кој ни потврди дека на претставата задоцнил 4 минути:

- На коктелот, Коцев налутено ме праша дали и колку сум доцнел, а јас, мислејќи дека и тоа можеби е дел од претставата, му кажав дека сум задоцнил точно 4 минути. Не знам дали тоа го разбесни, или нешто друго, но потоа, во следните половина час, Коцев постојано провоцираше и за мене и за Талат Џафери зборуваше со погрдни зборови. Тоа можат да го потврдат на сите присутни, вклучувајќи го и младиот заменик министер за култура, кој го отстрани од коктелот.

На заминување, Бакрачески сепак се разминал со Коцев, при што актерот повторно провоцирал, па шоферот на градоначалникот го фатил за рацете, за да се избегне тепачка.

- Полицијата дојде за инцидентот и праша дали актерот треба да биде приведен, но јас замолив тоа да не се случи, заради Охридско лето пред се. Но, утредента Коцев сепак го пријавил настанот, тврдејќи дека е нападнат – вели Бакрачески.

Според друга верзија на настаните, Бакрачески наводно почнал да го навредува актерот Коцев и да му упатува погрдни зборови. Коцев бурно реагирал по што дошло и до меѓусебно доближување. Веднаш во заштита на Бакрачески реагирал неговиот шофер, кој наводно се нафрлил врз актерот Сашко Коцев, а реагирале и другарите на Коцев. Охридската полиција веднаш реагирала и направила ред.

- Сите што беа на коктелот можат да посведочат кој навредуваше и кој вербално ги напаѓаше гостите. Жал ми е што тоа се случи, реагирав и јас, бидејќи бев навреден, но сепак е додбро што не дојде до поголем инцидент – категоричен е Бакрачески.

No comments

Powered by Blogger.