Што ќе остане од нас?

Колумна на Катерина Блажевска
Извор: Призма

Млади и стари, искусни и неискусни, релевантни и нерелевантни, етаблирани или заскитани… Многу зборови се истрошија деновиве околу кадровските политики на Владата. Од аспект на потребите од јавна дебата – очекувано, потребно и оправдано, од аспект на аргументација – под секое ниво. Врз биографиите на дел од масакрираните именувани кадри, измаршираа и продефилираа многу ликови, кои не успеаја да сокријат дека зад нивната критика стои една главна поента: зошто не се сетивте на мене!?

Не е забрането некој да се самопрепорачува за одредена функција, доколку таа навистина се темели на потврдени знаења, вештини, искуства… Но, не е добро кога тоа се прави само преку сатанизација на друг. Кога критиката не полемизира со концептуалното, туку со персоналното, тоа е најдиректен пат за самодисквалификација на авторот на критиката.

Во земја каде што еден Блаже Конески ќе добие епитет „џуџето од Небрегово“, Славко Јаневски „кодош“, а Коста Солев поука дека „е добро што умрел навреме“, како ќе најдете добар поет, писател, па и претседател на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата? Нема таков, но каков апсурд – конкуренцијата е голема.


Во земја каде што еден Блаже Конески ќе добие епитет „џуџето од Небрегово“, Славко Јаневски „кодош“, а Коста Солев поука дека „е добро што умрел навреме“, како ќе најдете добар поет, писател, па и претседател на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата? Нема таков, но каков апсурд – конкуренцијата е голема

Еден кандидат беше искритикуван дека е млад и недораснат за функцијата. Наспроти ова, нема одговор, што ѝ донесоа на манифестацијата оние кои беа повозрасни и „дораснати“ за тоа место. Струшките вечери на поезијата подолго време тонат во шаблонизираност, небаре заглавени меѓу сопствената архива и новото време, подложени на дневни политизации и клановски надмудрувања, препуштени на бирократско славење на творештвото каде што станува поважно да дојдат повеќе политичари отколку поети, со гласни „поетски читања“ за (не)доволноста на финансиите, меѓу другото, и од страв дека нема да остане нешто за лична „инспирација“, но и за сето тоа жестоко да се залее на крајот.

Не недостигаа ни молби до новинари да не објавуваат фотографии од зрели и дораснати, ама мртви-пијани поети, некои клапнати меѓу чашите на масите, или други, кои со стиховен ритам ги празнеле своите бабулиња во Дрим. Чест на РЕТКИТЕ исклучоци, ама ваквите „мали“ фрагменти од придонесот на дораснатите и седи глави, со години ја крепат општата слика за СВП. И тоа мора јасно да каже.

Да, јавноста е, и треба да биде врвен коректор, но врз основа на аргументација. Без тоа е агресивен хор кој само произведува многу децибели, ама тие не пренесуваат вредносен став. Истото важи и за оние до кои е упатена порака на јавноста. Младоста/годините не можат да бидат третирани и прифатени како аргумент изолиран и издвоен од севкупната слика за една личност. Тогаш зошто бараме да детектираме таленти кај деца на претшколска возраст. Ајде да ги оставиме да пораснат, да побелат во косите, да се збрчкаат во лицето, да се стопат во системот, да го изгубат индивидуалниот белег, да станат подобни, дораснати, соодветни, обележани со сериски број за употребливост на општествени функции, заведени во некој државен регистар и – ставени на чекање.

Ме потсети оваа епизода на времето кога Барак Обама одлучи неговиот претседателско – инаугурациски говор да му го напише 27-годишниот Џон Фавро. Што требаше да кажат граѓаните на САД? Покрај толку компетентни и дораснати луѓе во партијата и администрацијата, зарем некој „мочко“ ќе му пишува говор на еден американски претседател? Би изгледало „логично“ така да кажат. Не. Немаше лешинарење и критизерство од тој вид.

Фавро два месеца работеше на говорот по 16 часа на ден. Го гледаа на разни локации низ Вашингтон – по паркови, плоштади, кафулиња на „Старбакс“, опкружен со чаши кафе и „ред бул“ до раните утрински часови. Тоа е момчето кое четири години претходно, на подготовка за конвенција на Демократите го прекинал Обама во говорот и му сугерирал да направи одредени измени. Не го прашале „Кој си БЕ ти, аџамија?“ Добил шанса. Го напишал победничкиот говор на Обама во Ајова. Го сметаат за најзаслужен за главниот изборен слоган „Yes We Can“.

„Барак му верува, а за него е вистинска реткост да довери толкав авторитет на некоја личност, врз неговите сопствени зборови“, коментираше еден од советниците на Обама.


Имаме многу лесна рака да убиеме некого, ако станува збор за поет, научник, професор, лекар… Затоа пак, се воодушевуваме на млади бандити кои многу рано „се снашле“ во животот, па веќе се газди на се и сешто, дури и на оздемени животи под тркалата на нивните бесни и скапи возила. Ете, тоа е овдешната „принципиелност“

Ваквите примери им дадоа силна мотивација на младите во американското општество. Голем дел од нив видоа надеж во примерот со талентираниот врсник, добија уверување дека не мора со години да чмаат во некоја политичка оранжерија за да пуштат фиданка, без оглед во која сфера. Таквите пораки се капсули со енергија за секое општеството.

Ние немаме пропустливост за таков вид енергија. Зачаурени сме во фрустрации, злоба, себичност, недоверба и стереотипи за тоа како треба да изгледа еден „функционер“, но и различни аршини за масакрирање на некого. Имаме многу лесна рака да убиеме некого, ако станува збор за поет, научник, професор, лекар… Затоа пак, се воодушевуваме на млади бандити кои многу рано „се снашле“ во животот, па веќе се газди на сѐ и сешто, дури и на оздемени животи под тркалата на нивните бесни и скапи возила. Ете, тоа е овдешната „принципиелност“.

И заради тоа со години си го добиваме она што ни следува – фото роботот за класичен македонски мафијаш или функционер, сеедно, изгледа слично: закопчан во костум, стегнат со кравата, украсен со скапи очила, корисник на скапи возила, сопственик на службени картички, трошач на репрезентации, посетител на скапи хотели… Оти, така му доликува, нели?

Не дај Боже да се појави некој што на работа ќе доаѓа пеш или со велосипед – веднаш ќе го прогласиме за лузер или глуп. Уште ако е млад, ако не стигнал да го премачкаат со сите бои, ако е свој, ако не знае да игра „големи игри“, тој никако нема да се вклопи.

Јосиф Александрович Бродски, кој деновиве беше често спомнуван во полемиките околу СВП, по напуштањето на Русија, во писмото до Брежњев напишал: „Мерата за патриотизмот на еден писател, според моето мислење, е како тој пишува на јазикот на народот меѓу кој живее, а не како се заколнува од говорниците“.

Покажавме дека на нашиот јазик најдобро знаеме да мразиме, омаловажуваме, етикетираме, а најмалку да твориме и комуницираме. А зборуваме за силата на зборот, јазикот, поезијата, манифестацијата, идентитетот… Каква страшна демагогија.

„Од сиот човек, на крајот ви останува дел од говорот“, напиша Бродски. Ве плаши ли помислата што ќе остане од нас?

No comments

Powered by Blogger.