Вучиќ за односот на македонските власти: Се изживуваа со нас

Пишува: Точка

„Нема поблиски народи од Македонците и Србите, но ние мораме да ги штитиме нашите национални интереси“, изјавил во интервју за националната телевизија претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

„Утре на господинот Заев ќе му го кажам тоа што го знам, дека Србија не сака да има никакви проблеми со Македонија, но и дека нема да дозволи да се нарушат нејзините национални интереси“, рекол Вучиќ.

Како што беше најавено денеска, за утре се очекува телефонски разговор меѓу двата премиера по кој ќе се разјасни што стои зад српско-македонската политичка драма што ги збуни граѓаните во двете земји. На прашањето околу причината за повлекувањето на персоналот од амбасадата во Скопје, Вучиќ посочил дека министерот Никола Димитров денеска објаснил што навистина се случило – дека немало никаква наредба од владата за преземање разузнавачки активности.

„Тоа е дело на некои на повисоко ниво и ние имаме сознанија за такви активности“, рекол Вучиќ.

„Македонија ќе гласа за влез на Косово во УНЕСКО, а повлекувањето на персоналот од амбасадата беше еден од начините да им ставиме до знаење дека знаеме што прават, иако ништо лошо не им посакуваме. Како што го признаа Косово, така лесно ќе гласаат за него“ , изјавил претседателот на Србија.

Во врска со скандалот со разузнавачот Горан Живаљевиќ и неговото присуство во Собранието за време на протестите на 27 април, Вучиќ објаснил дека највисоките претставници на извршната власт му дозволиле на разузнавачот да биде таму.

,,Потоа се прошириле приказни дека Живаљевиќ бил таму по налог на Русите, но тоа не е точно. Ми пријадоа македонски претставници на состанокот на Брдо кај Крањ и побараа да го повлечеме Живаљевиќ од Скопје. Го повлековме и молчевме, но, сепак, продолжија да се изживуваат со нас како да сме виновни”, рекол Александар Вучиќ во Дневникот на РТС.

No comments

Powered by Blogger.