Морничаво предупредување на Германците: Ситуацијата околу Северна Кореја е иста како пред избувнување на Светска војна

Пишува: Точка

Германските медиуми после шестиот нуклеарен тест на Северна Кореја во неделата, пренесуваат дека ЕУ подготвува нови санкции против Пјонгјанг, а генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш ја споредил моменталната криза со ситуацијата пред избувнувањето на Првата светска војна.

„Дојче Веле“ потсетува дека од Пјонгјанг соопштиле дека успешно тестирале хидрогенска бомба, а според сателитските снимки кои што се објавени, детонацијата предизвикала лизгање на земјиштето во областа за тестирање Пунгјери.

„Европската унија најави сопствени санкции против диктатурата на Ким Јонг Ун. Светот сепак нагаѓа дали Кореја со новите санкции и новите преговори ќе биде одвратена од понатамошното нуклеарно делување. Европската комисија се надева дека ќе биде така - и затоа најави поддршка на нацрт резолуцијата за ембарго на продажба на нафта на комунистичката диктатура во Советот за безбедност“, пренесува „Шпигел Онлајн“.

„Сепак, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедност, Федерика Могерини изјави дека министрите на ЕУ на идниот состанок ќе разговараат и за воведување на дополнителни санкции. Според информациите на дипломатите, новите санкции би требало да ѝ отежнат на Северна Кореја во набавката на девизи. Би можеле да ги погодат севернокорејските гастарбајтери или сопствениците на бродови“, пренесува интернет изданието на „Шпигел“.



Понатаму, наведено е дека „ЕУ, освен тоа размислува да бидат додадени нови членови на раководството на Северна Кореја на листата со луѓе кои што не можат да влезат во Европската унија, или чиј што имот во ЕУ би бил замрзнат“, пренесува „Шпигел“ и додава дека лидерот Ким Јонг Ун не е на таа листа.

Минхенскиот дневник „Зидојче Џајтунг“ пишува дека „веќе е јасно кој нема да ги поддржи санкциите против Северна Кореја.

„Рускиот претседател Владимир Путин новите санкции ги оцени како бескорисни. Тој всушност го осуди последното атомско тестирање и го означи како провокативно, но предупреди дека конфликтот не треба да биде подгреан со воени средства. Тој не сака да ги поддржи економските санкции против Пјонгјанг и смета дека е апсурдно тоа што САД против Русија и Северна Кореја го применува истиот закон за санкции, а потоа бараат од Кремљ да ги поддржи тие санкции“, пренесува овој весник.

Информативниот портал "NTV" пренесува дека „амбасадорот на Северна Кореја при Обединетите нации, Хан Тае Сонг, после шестиот нуклеарен тест, им се заканил на Американците со нов подарок-пакет, како што тоа иронично го рекол“.



„Тој претходно изјави дека сите нуклеарни тестирања се во цел на самоодбрана и порача дека таквата стратегија ќе продолжи се додека продолжат неодговорните провокации и обидите да се изврши притисок врз Северна Кореја“, потсетува "NTV".

Дневникот „Тагешпигел“ пренесува дека генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш ја споредил моменталната криза на Корејскиот полуостров со периодот пред да избие Првата светска војна.

„А, станува збор за политички ветеран... Гутереш се послужи и со цитат на Кристофер Кларк кој во својата книга „Месечари“ опишува како европските сили во периодот пред Првата светска војна, постепено се збогувале со мирнодопските политики. И не само тоа: Се повеќе се потпирале во моќта на оружјето и воените сојузи, за одеднаш да сфатат дека веќе се наоѓаат во војна. За да не отиде ситуацијата толку далеку, Гутереш самиот се понуди да биде посредник во конфликтот околу Северна Кореја“, пренесува овој дневник.

No comments

Powered by Blogger.