Спречете ја Хрватска да ме испорача во Србија: Албанскиот навивач ја моли Тирана за помош

Пишува: Точка

Албанецот Исмаил Моринај побарал од владата во Тирана да ја спречи неговата екстрадиција во Белград, инсистирајќи дека во Србија нема да има чесно судење.

Моринај е обвинет за управување на дронот со кој што предизвика големи немири на стадионот во Белград за време на квалификацискиот натпревар за Европското првенство помеѓу репрезентациите на Србија и Албанија. Моринај беше уапсен во Хрватска, по што тамошниот врховен суд одобри негова екстрадиција и сега се чека одлуката на хрватското министерство за правосудство.

Иако според пресудата на врховниот суд, тој треба веднаш да биде екстрадиран во Србија, тој со писмо до албанската влада побарал помош – да не биде екстрадиран во Белград затоа што сето тоа има политички мотив и пред српскиот суд би можел да биде дискриминиран.

„Моринај во писмото инсистира дека налогот кој што го има издадено Србија за апсење е политички мотивиран и затоа и побарал политички азил во Хрватска за да избегне екстрадиција“, објави Радио-телевизија Србија.

Неговата екстрадиција беше одобрена од хрватскиот суд уште во јули откако било утврдено дека биле исполнети сите законски услови, но после жалбата на Моринај, Врховниот суд на 10-ти август тоа решение го укина, па беше отворена нова постапка.

Сепак и во повторената постапка било утврдено дека Моринај треба да биде екстрадиран во Србија, а неговата жалба до Врховниот суд била утврдена како неоснована.

No comments

Powered by Blogger.