Моден водич: Како да одберете блејзер по своја мерка?

Блејзерот е апсолутен херој во сечиј гардеробер. Но, не баш секој модел на блејзер одговара на сечиј облик на тело. Кој е најсоодветниот за вашиот тип на градба?

Пишува: Црнобело

Удобен, сестран и секогаш модерен, блејзерот е парче облека кое мора да го имате во својот гардеробер. Одговара на сѐ, а идеален е за комбинациии со кои сакате да ја истакнете својата сериозна, а истовремено и опуштена страна на личноста.

Најчесто се носи со фармерки, но може да биде и одлична алтернатива за класичното сако, па да го облечете во тандем со здолништа со молив крој, цигара-панталони, фустани...

Ако сѐ уште немате блејзер или сакате да ја надополните својата колекција, ви откриваме каков модел треба да купите – според вашиот тип на градба:

Слим-фит блејзер

Идеален за дами со ситна градба.

Овој тип на блејзер нема да ве „проголта“, што и да облечете со него. Со должина до колковите или пократки, ваквите блејзери создаваат илузија на подолг долен дел од телото, односно на нозете.

Притоа, важна е и должината на ракавите: ако се предолги, тогаш задолжително скратете ги.


Структуриран блејзер

Идеален за дами со тело во облик на круша.

За да го избалансирате пообемниот долен дел од телото, мора да креирате волумен во горниот.

Во тоа ќе успеете со дефинирање на рамената, што значи дека може да инвестирате во блејзери со истакнати нараменици (доколку тоа е во ваш стил), или, пак, модел кој има повеќе структура во пределот на јаката.


Блејзер без крагна

Идеален за дами со широки рамена.

Моделите со женствена линија и без крагна се идеални за балансирање на овој дел од телото. Изберете материјали како креп или лен, бидејќи со нив нема да додадете уште повеќе волумен, таму каде се обидувате да го намалите.


Класичен модел на блејзер

Идеален за високи дами.

Вам ви е всушност најлесно да одберете блејзер, бидејќи речиси секоја силуета одлично ви стои. Единственото нешто кое треба да го избегнувате се кратките шевови, кои може да направат телото да ви изгледа непропорционално.


Долг блејзер

Идеален за дами со големи гради.

Елегантниот блејзер кој има должина преку колковите или е е подолг, многу повеќе ќе ја истакне вашата убава фигура, одошто коцкестите модели кои „прекриваат сѐ“.

Зошто? Бидејќи не додава волумен во горниот дел и креира визуелно подолго тело.


Лесен блејзер

Идеален за дами со тело во облик на јаболко.

Овде е целта вниманието да го насочите кон градите, а да го оттргнете од средишниот дел на телото. Решението е да се држите што подалеку од гломазните блејзери, а инвестирате во лесните и едноставни модели, кои немаат никакво закопчување, а имаат занимлив крој.


Блејзер со лента или копче во висина на струкот

Идеален за дами со тело во облик на песочен часовник.

За разлика од претходната градба, тука е целта да го истакнете најтесниот дел од телото - струкот. Инвестирајте во блејзери кои имаат лента, каиш или копче во висина на струкот, или, пак, пеплум модели.

Доколку не можете да ја пронајдете својата величина или точно тоа што го сакате, секогаш можете да отидете кај кројач.

No comments

Powered by Blogger.