Британците горди на најголемиот брод кој што некогаш бил изграден за Кралската морнарица: Ова е демонстрација на нашата воена моќ

Пишува: Точка

Во рамките на 3 милијарди фунти вредната воена програма на британското министерство за одбрана, беше произведена и оваа моќна „воена машина“ која што влегува во служба на британската Кралска морнарица.

Најголемиот и најнапреден воен брод на Обединетото Кралство, 65 илјади тони тешкиот HMS Queen Elizabeth кој ќе има екипаж од 700 припадници на кралската морнарица, денес пристигна во своето матично пристаниште. Пристигнувањето на 280 метри долгиот носач на авиони го гледаа илјадници граѓани.

Од британското министерство за одбрана се дознава дека HMS Queen Elizabeth е најголемиот брод кој што некогаш бил изграден за потребите на британската Кралска морнарица. Неговата изградба траеше дури осум години, а се одвиваше во шест градови во Велика Британија. На бродот работеле повеќе од 10 илјади луѓе.

„Денес, за прв пат го дочекуваме нашиот моќен брод во неговиот дом. Тој е порака до целиот свет, тој претставува демонстрација на британската воена моќ и нашата посветеност на една многу поголема, глобална улога“, изјави британскиот министер за одбрана, Мајкл Фелон.

Бродот и натаму е во фаза на тестирање и се уште од него нема да полетуваат авионите на Кралската авијација, но Британците најавуваат дека првите пробни летови би требало да започнат веќе на почетокот на идната година.

No comments

Powered by Blogger.