Последната жртва од нападот во Барселона: Откриено е како џихадистите го убиле Пау

Пишува: Точка

Четири дена после нападот во Барселона, шпанската полиција успеа да ги сложи коцките и да ја открие целата терористичка ќелија која што уби 14 лица на Ла Рамбла улицата во главниот каталонски град.

Синоќа беше идентификувaна и 15-та жртва на крвавиот масакр чие што тело било пронајдено избодено во автомобилот. Станува збор за 34-годишниот Шпанец Пау Перез кој што бил лично убиен од 22-годишниот Јунес Абујакуб, еден од терористите за кој што неговото семјество и натаму тврди дека бил „добро момче“.

Абдулјакуб, откако со комбето се залетал во пешаците на Ла Рамбла, ја искористил паниката која што настанала меѓу луѓето и побегнал од местото на масакрот. Тој се упатил во правец кон едно пазарче каде што го сретнал Перез кој што го паркирал својот автомобил, го избодел со нож, а потоа го украл неговиот автомобил и се обидел да побегне од Барселона.




Непосредно после терористичкиот напад, шпанската полиција ги блокирала речиси сите околни улици и поставила патрола на улицата „Дијагонал“ која што се протега низ градот. „Фордот“ управуван од Абдулјакуб тогаш налетал на една полициска патрола повредувајќи еден полицаец, додека другиот отворил оган кон автомобилот.

Украдениот автомобил бил пронајден 45 минути подоцна на 10 километри од Барселона во местото Сант Хуст Десверн. Во возилото било пронајдено телото на Перез. Извлечено било два часа подоцна, откако полицијата утврдила дека во автомобилот нема поставено експлозив.


Шпанските медиуми пренесуваат дека Перез, кој што штотуку се вселил во новиот стан со својата девојка, непосредно после нападот им јавил на родителите дека е добро и на безбедно место. Неколку минути после разговорот, на него налетал терористот од Ла Рамбла.

Инаку, Пау Перез бил дипломиран инжинер по електротехника. Живеел во околното градче Виљафранка, а во Барселона доаѓал на работа. Како и секој ден, тој кобен ден Перез се паркирал покрај пазарчето затоа што на тоа место паркингот бил бесплатен.

No comments

Powered by Blogger.