Тоа е крај на играта: Нуклеарните експерти објаснија што значи хидрогенската бомба на Северна Кореја за иднината на светот

Пишува: Точка

Со тестирањето на хидрогенската бомба, Северна Кореја направи голем чекор нанапред кон остварување на целта да развие проектил со нуклеарна боева глава кој што може да долета до територијата на САД.

Северна Кореја во неделата го изведе шестото тестирање и според тамошните власти, станува збор за успешна детонација на хидрогенска бомба која што е најмоќна досега. Сите тестирања се изведени во подземниот полигон „Пунгје-ри“, длабоко во планинските подрачја.

Но, експертите кои што го проучувале потресот предизвикан од експлозијата со магнитуда од 6,3 степени според Американската геолошка служба, сугерира дека Северна Кореја или има успеано да развие хидрогенска бомба, или е многу блиску до тоа.

"NORSAR", норвешката агенција за следење на земјотресите, процени дека јачината на бомбата била од 120 до 150 килотони, односно далеку повеќе од бомбата која што на пример експлодираше во Хирошима во Втората светска војна која што беше со јачина од 15 килотони.

„Таа јачина одговара на нивото за кое што може да се каже дека станува збор за тестирање на хидрогенска бомба“, изјави Куне Сух, професор по нуклеарна технологија од Националниот универзите во Сеул, Јужна Кореја.

„Северна Кореја навистина докажа дека е нуклеарна сила“, изјави јужнокорејскиот професор, додавајќи дека со ова се променуваат правилата во меѓународните односи: „Тоа не само што е промена на правилата на играта, тоа претставува крај на играта“.

Северна Кореја тврди дека нивните интерконтинентални балистички ракети кои што беа тестирани во јули оваа година, можат да долетаат до американска територија. Сепак, експертите сметаат дека тој потенцијален домет е постигнат затоа што на проектилите се наоѓал товар кој што е полесен од било каква нуклеарна боева глава која што моментално може да ја произведе Северна Кореја.

Северна Кореја допрва треба да докаже дека боевата глава која што може да ја постави на проектилот од долг домет може да го преживее враќањето во атмосферата после интерконтиненталниот лет. Развојот на хидрогенска бомба е клучен за производство на полесна боева глава затоа што овозможува далеку поголема сила во однос на големината и тежината.

Физичарот Дејвид Олбрајт, основач на непрофитниот Институт за наука и меѓународна безбедност во Вашингтон, се уште не верува дека Северна Кореја успеала да развие хидрогенска бомба.

Севернокорејските власти објавија во јануари 2016-та година дека тестирале минијатурна хидрогенска бомба. Но, научниците проценуваат дека станувало збор за атомска бомба која што била зајакната со изотопи на водород за да се постигне поглема моќ.

Хидрогенската бомба ја користи атомската бомба да предизвика друга, многу помоќна експлозија. Таквото оружје, чија што прва фаза се темели на нуклеарна фисија, а втората на нуклеарна фузија, е многу помоќна од традиционалната атомска бомба која што е „чиста фисија“.

Неколку часа пред тестирањето, севернокорејските медиуми објавија фотографии од својот лидер Ким Јонг Ун во инспекција на бомба за која што тврдат дека е хидрогенска и наменета за новите интерконтинентални проектили. Сепак, научниците и натаму имаат поделени мислења околу успешноста на севернокорејската нуклеарна програма.

No comments

Powered by Blogger.