Наместо разрешување, Зврлевски би можел да даде оставка

Пишува: Слободен Печат

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе биде задоволна ако Зврлевски сам поднесе оставка, бидејќи во тој случај ќе ѝ бидат потребни најмалку 10 дена на надлежната Kомисија за да ја разгледа оставката, велат политичките аналитичари.


Мартин Богатиноски

Деновиве сè погласни се шпекулациите дека ВМРО-ДПМНЕ би можела да подготви уште еден политички трик, со цел да го одложи изборот на нов државен јавен обвинител. Како што дознаваме од извори во опозицијата, наместо да биде разрешен, актуелниот обвинител Марко Зврлевски би можел самиот да поднесе оставка и на тој начин да спречи назначување на нов јавен обвинител до почетокот на локалните избори во октомври годинава. Според политичките аналитичари, овој потег ќе ѝ овозможи на опозициската партија да „купи“ најмалку 10 дена, оти како што велат, оставката ќе мора најпрво да оди на разгледување кај надлежната комисија, а потоа би следувала и дебата во времетраење од неколку недели.

Нова стратегија

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека главната цел на опозицијата е да спречи избор на нов јавен обвинител, а тоа најлесно би го остварила ако обвинителот Марко Зврлевски сам поднесе оставка.

– Евентуалното поднесување оставка од Зврлевски претставува стратегија на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која стреми кон одложување на неговото разрешување. Мислам дека целата нивна стратегија е да спречат избор на нов јавен обвинител, односно тоа да не се случи до почетокот на локалните избори. Едноставно, поразително би било за нив ако за некој од кандидатите за градоначалници се покаже дека се гонат од Основното јавно обвинителство и од новиот јавен обвинител – вели Арсовски.

Според него, опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема да избира начини како да го одложи разрешувањето.

– Опозицијата ќе направи сè што е потребно за да го одложи разрешувањето на Зврлевски барем до почетокот на кампањата. Исто така, тие би биле задоволни ако Зврлевски самиот поднесе оставка, бидејќи во тој случај ќе ѝ бидат потребни најмалку 10 дена на надлежната Комисија за да ја разгледа оставката – објаснува Арсовски.

Поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов, пак, вели дека разрешувањето или оставката на Марко Зврлевски веќе не би можеле да создадат блокади во работата на парламентот.

– Ако јавниот обвинител Зврлевски одлучи да поднесе оставка од својата функција, тогаш неговиот потег не би предизвикал никаков проблем, туку едноставно расправата за таа точка ќе се прекине. Доколку тоа се случи, тогаш Владата на Република Македонија веднаш ќе треба да одреди вршител на должност, односно в.д. државен јавен обвинител, откако претходно ќе побара мислење од Советот на обвинители. Дури на крајот, Собранието треба да го именува новиот обвинител – објаснува Андов.

Злоупотреба на собраниската говорница

Во Собранието вчера се одржа шестото продолжение на собраниската седница на која се расправа за разрешувањето на јавниот обвинител, но како претходно, расправата во најголем дел помина во реплики, контрареплики и процедурални забелешки помеѓу пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот Ејуп Алими од ДУИ ги повика пратениците од опозицијата да не зборуваат за теми што се надвор од точката што е поставена на дневен ред.

– Повеќе од две недели, пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ ја злоупотребуваат собраниската говорница. Граѓаните се свесни кој прави блокада и сами ќе оценат кој е во право – рече Алими.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, пак, истакна дека тоа што го прави опозицијата наликува на април, алудирајќи на случувањата и насилствата на 27 април при изборот на претседателот на Собранието.


– Сите се откажавме од нашите дискусии за час поскоро да заврши оваа бурлеска околу законското разрешување на Зврлевски. Ова што се случува сега, овој говор на омраза, премногу наликува на април и се надевам дека колегите од опозицијата ќе прекинат и час поскоро ќе почнеме со постапката за именување нов државен обвинител – рече Тунтев.

No comments

Powered by Blogger.