До пред бомбите, 600 луѓе земале плата од Влада без да одат на работа

Пишува: Нова ТВ

Генералниот секретар на Владата, Дргаи Рашковски, на денешната прес конференција ги објасни информациите кои тој ги објави на социјалните мрежи. Според него, до пред објавувањето на политичките бомби, 600 лица земале плата од Владата без да одат на работа, туку само еднаш неделно се потпишувале за присутни на однапред подготвен распоред.

Рашковски рече дека располага со писмена евиденција за ова, и тоа како доказ ќе биде доставено до Јавното обвинителство.

-За да бидат работите уште пострашни, овие вработени користеле годишен одмор, користеле платено отсуство, биле фиктивно оценувани за својата работа, и сите тие вработени добивале една иста сообразна оцена, оцена 3 од причина што според законот, со добивање на средна оцена, вие ниту одите горе ниту одите долу во своето напредување, туку останувате на истата позиција на којашто сте биле пред оценувањето. Значи станува збор за едно организирано делување, и во кооординација помеѓу претходниот Генерален секретар, вработените кои што земале плата и службите кои што го организирале таквото делување. Затоа според казнениот законик на Република Македонија ќе биде покрената соодветна постапка пред соодветните институции – рече Рашковски.

Тој најави дека најрано утре ќе биде покрената соодветна постапка за нанесување штета на Буџетот на Република Македонија во висина од 824 илјади евра.

-Овој број на лица кои низ годините наназад не доаѓале на работа, а биле примени во Генералниот секретаријат до 2015 година наваму се намалува и доаѓа до бројката од 60-тина луѓе, од причина што во 2015 година бројот на лица кои што не доаѓале на работа, а земале плата изнесувал 600. Тие лица со текот на времето, како почнаа да се објавуваат политичките бомби, и како се осеќаше губењето на власта од страна на ВМРО-ДПМНЕ се распоредувани по лкалните самоуправи и по институции и јавни претпријатија кои што се во надлежност на локалната самоуправа – додаде Рашковски.

No comments

Powered by Blogger.