6 трендови на храна кои треба да исчезнат пред почетокот на 2018-тата година

Секоја нова година со себе носи нови трендови и иновации, а гастрономијата не е никаков исклучок.

Пишува: ЦрноБело

Трендовите во светот на храната станаа масивен дел од нашата современа култура. Тие диктираат што ќе јадеме, начинот на кој ќе го јадеме, па дури и декоративноста на оброкот послужен на чинија.

Но од некои трендови навистина ни е дојдено преку глава. Едноставно време е да ги тргнеме од менито и да се надеваме дека 2018-тата ќе донесе поинтересни, но и поедноставни типови храна во кои ќе уживаме, наместо во:

Смути чинија

Како да не ни прекисна од обичните смути оброци, односно напитоци, годинава сите решија состојките да ги распостелат на чинија. На мегдан да се види што точно ставаме во блендерот и наместо во течна, истиот оброк да го консумираме во неговата оригинална состојба.

Бесмислено, тотално губење на време и би рекле – тренд измислен само за интересни Инстаграм фотки. Збогум смути чинии!


Фрик-шејкови

Што се случи со обичните милкшејкови? Ги заменија овие монструозни фрик-шејкови преполни со додатоци, што во превод значи и дополнителни калории. Од Орео колачиња, до наполитанки, дополнителна количина сладолед, со преливи, овошја и декорации со цели крофни на врвот од шејкот.

Просто невозможно е да го испиете/изедете до крајот, без да ви се слоши. Си ги сакаме нормалните милкшејкови назад.


Тост од сладок компир

Откако на обичниот компир нутриционистите му објавија војна, целосно ги завртеа погледите и апетитите кон слаткиот компир. Во ред, секако дека е поздрав, похранлив (и, да не се лажеме - далеку поскап) од обичниот.

Ништо немаше да нè иритира толку многу, како начинот на приготвување – дебели кришки сладок компир во тост за печење лепчиња. Прво, не се готви како што треба, односно останува недопечен.

Второ, како ќе ја добиеме потребната нутритивна вредност од компирот ако е жив и погрешно зготвен?


Тестенини од тиквички

Изгледа сите го купивме она мало кујнско помагало кое магично ги претвора зеленчуците во тенки долги спирали. Донекаде се прелажавме дека пастата од тиквички е подеднакво вкусна како онаа со вистински шпагети.

Секако дека не е. И крајно време е да се обидуваме од зеленчуците да правиме замена за работи кои му се потребни на нашето тело, како јагленитехидрати.

Спиралите од тиквички нема никогаш да станат шпагети, ниту пак карфиолот ќе биде достојна замена за тесто за пица.


Храна во боите на виножитото

Беше интересно, а сега е веќе изнасилено и тажно. Торти и колачиња во боите на виножитото. Топено сирење во боја на виножито. Кафе во боите на виножитото. Доста е.


Храна со тема: еднорог

Некој реши дека храната во боите на виножитото не е доволно голем предизвик, па се префрливме на нов тренд и опседнатост – храна која вреска еднорог со својата појава.

Никој, ама баш никој не го сака хамбургерот во пастелна розова нијанса со светки на него.

Ниту пак препеченото лепче, топлото чоколадо и утринското смути.



Се согласувате ли? Кој тренд ќе го испратите со најголемо задоволство во неповрат?

No comments

Powered by Blogger.