Погледнете како изгледа Саемот на автомобили во Мосул: Џихадистите направиле „машини за убивање“ како од филмот Mad Max

Пишува: Точка

Десетици модифицирани автомобили кои што борците на Исламската држава планирале да ги искористат во напади, изложени се во Мосул откако биле запленети од ирачките безбедносни сили.

Не станува збор за некакви напредни борбени возила, туку повеќето од нив се стандардни SUV возила кои што џихадистите се обиделе да ги модифицираат и да им направат оклоп, со што тие би биле отпорни на куршуми и шрапнели.

Откако ирачките безбедносни сили го ослободија квартот Хамам Ал Калил од џихадистите, првите луѓе на безбедносните сили одлучиле да направат една „парада“ со запленетите возила во ослободениот град на северот на Ирак. Додека некои се шегуваат и велат дека ова е Саем на автомобили во Мосул, многумина сцените ги споредуваат со оние од пост-апокалиптичниот филм Mad Max.





Освен тоа што со железни материјали џихадистите ја зајакнувале самата конструкција на автомобилите и ги претвориле во еден вид на околопни возила, на некои од нив им се извадени и седиштата со цел внатре да има што е можно повеќе простор за експлозив.

„Мачениците“ на Исламската држава, ќе седнеле зад воланот, а нивната цел била што повеќе да се приближат на непријателска територија и потоа да го активираат експлозивот. Токму поради тоа се поставени метални плочи отпорни на куршуми.





Џихадистите се гледа дека најмногу ги користеле јапонските теренци како на пример Land Cruiser и Hilux на Тојота, а исто така можат да се забележат и автомобилите на јужнокорејските производители KIA и Hyundai. Неодамна коалициските сили на Блискиот исток отворија истрага како џихадистите успеале да дојдат до толку голем број на автомобили на азиските производители.

Ирачкиот премиер Хаидер Ал Абади и официјално во понеделникот проласи победа над Исламската држава откако ирачките безбедносни сили поддржани од Анти-ИСИС коалицијата предводена од САД, после неколкумесечни борби, го ослободија Мосул - најголемото упориште на ИСИС во Ирак.





Борбата за ослободување на Мосул започна на 16-ти октомври 2016-та година и со текот на времето се интензивираше додека ирачките сили, поддржани од воздушните напади на американското воено воздухопловство, навлегуваа кон централното подрачје на градот.

За да го сопрат нивното напредување, џихадистите на Исламската држава поставувале експлозивни направи низ улиците и стамбените објекти. После долги борби, конечната победа е огромен успех за ирачката армија која што мораше да се повлече од градот кога Исламската држава го зазеде во 2014-та година, кога ја имаше својата најголема моќ.



Операцијата за ослободување на Мосул исто така е дел од планот на САД за уништување на Исламската држава, со оглед на тоа што Курдските борци во Сирија поддржани од американските борбени авиони, се обидуваат да го ослободат градот Рака, односно таканаречениот главен град на Калифатот на Исламската држава и да им го нанесат последниот удар на џихадистите.



No comments

Powered by Blogger.