По петгодишна судска голгота, полицајка ја докажа својата невиност!

ПИШУВА: ФОКУС


Славица Ристеска е само една од многуте жртви на Марко Зврлевски. „Благодарение“ на него таа го загуби угледот и работата, лежеше неосновано во притвор, а кога, по пет години судска голгота успеа да ја докаже невиноста, „џелатите“ не поместија ниту еден дел од нејзинито живот распаднат како сложувалка, за да барем ја ублажат штетата. Во 2007 година Зврлевски го напиша и стоеше зад обвинението наречено „Поткуп“, но тоа се сруши откако вината на обвинетите не беше докажана. Ристеска, дотогаш успешна полицајка, поради случајот ја изгуби работата, а и по десет години, се уште не е вратена назад. Во моментот кога Зврлевски е пред разрешување и се правда дека тој професионално си ја вршел работата, семејството Ристески го потсетува како ним им го уништи животот, а тие се само мал дел од неговата неуспешна и непрофесионална обвинителска приказна.

Тексот е објавен на 16 јануари 2014 година во неделникот Фокус, во број 954

Пишува: Валентина СТОЈАНЧЕВСКА

Додека Владата се тресе поради сѐ понагласените сомнежи за нејзино незаконско работење и корупциски скандали што тежат милиони евра, а засега на ниту еден функционер не му фали ниту влакно од главата, на обичниот граѓанин е доволно да му се стави на товар дека украл само 10 евра за да му се уништи целиот живот, но и животот на неговото семејство.

Ова не е ниту претпоставка, ниту измислица, туку вистинска македонска приказна.

Под обвинение дека зела мито од 10 евра, полицајка поминала четири месеци во притвор, седум години низ судска голгота, ја изгубила работата, а кога конечно ја докажала невиноста, никој не сака да ѝ го надомести изгубеното. Државата ѝ го врти грбот, иако треба да ја понесе целата одговорност.

Звучи неверојатно, но, за жал, тоа е судбината на многумина граѓани, немилосрдно скроена од македонскиот правосуден систем.

ЈА ИЗБРКАЛЕ ОД РАБОТА, ИАКО ЈА ПРОГЛАСИЛЕ ЗА НЕВИНА

Четириесетгодишната Славица Ристеска од Крива Паланка, по 18 години успешна полициска работа, без ниту една дамка на кариерата, во 2007 година заврши со лисици на рацете под обвинение дека примила поткуп од 10 евра додека била на работа на граничниот премин Деве Баир.

Обвинителството ја товареше дека зела мито од 10 евра од возач на автобус, за да не изврши целосна пасошка контрола и контрола на багажот на патниците. Наводно, возачот парите му ги дал на келнер, вработен во кафеана на граничниот премин, а тој потоа ѝ ги предал на полицајката. Со Ристеска, за слични дела, а под изговор дека вршеле организиран криминал и злосторничко здружување, беа обвинети уште десетина цариници, полицајци и келнери. На крајот, сите успееја да ја докажат својата невиност.

Но, патот до правдата и за овие луѓе не беше лесен. Најпрвин, Основниот суд Скопје 1, ги осуди на 2,5-годишна казна затвор. Потоа казната, за една година им ја намали Апелациониот суд, но Врховниот суд побара повторно разгледување на предметот. На повторното судење во 2010 година конечно ја добија долгоочекуваната ослободителна пресуда.

− Од изнесените докази не се утврди дека обвинетите ги сториле кривичните дела кои им се ставаат на товар, се вели во ослободителната пресуда донесена во 2010 година, која стана правосилна наредната година.

Но, со слободата, Ристеска не ја доби и правдата. Оттогаш никој не се почувствува одговорен да ја врати на работа. Таа се чувствува обесправена и оштетена, бидејќи дел од нејзините колеги се вратени на старите работни места, а дел зеле и по 70 проценти од платата за целиот период додека се водела судската постапка.

− Славица, додека беше во притвор, доби две решенија за мирување на работниот однос, а потоа беше покрената и дисциплинска постапка. Веднаш потоа го доби и отказното решение, поточно по три дена, откако го прими обвинителниот акт. Замислете колкав стрес е тоа. На сѐ уште недокажана вина да ви дадат отказ од работа, раскажува за „Фокус“ сопругот на Славица, Наумче Ристески.

Дека Славица некому му била трн во око, а нејзиното апсење било само изговор да и се одземе работното место, за Ристески, покажува фактот што таа еден ден пред да биде приведена, била одјавена од социјалното осигурување.

–Ова покажува дека намерата била да се тргне од работното место и тоа што поскоро, поради што и ја направиле оваа грешка, со која ја откриле намерата, вели Ристески.

Нејзиниот бранител, Игнат Панчевски, испратил и барање до министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, да ја врати на работа Ристеска, но и да ѝ ги исплати сите неисплатени плати. Но, позитивен одговор не добиле ни од МВР, а ни од судските институции пред кои Ристеска сѐ уште ја води битката да се врати во работен однос. Од судот ѝ забележуваат дека ги пропуштила роковите за поднесување на тужба, а фактот што таа цели пет години ја чекала ослободителна пресуда никој не го есапи.

− Кога нѐ апсеа како криминалци, очите на целата јавност беа вперени кон нас, а сега кога ја докажавме невиноста и кога не бараме помош, туку нашите права, никому не му е грижа. Ги изгубив работата, честа и угледот поради лажно обвинение, а сега нема кој да ми го надомести сето тоа, вели револтирано Ристеска.

Некогашната полицајка со години е без месечен приход, а без работа е и нејзиниот сопруг. Сопружниците имаат и малолетен син, кој во времето на приведувањето на мајка му имал само седум години.

− За среќа, син ми не беше дома кога во куќата ни упаднаа 24 вооружени полицајци. За времето додека мајка му беше во притвор, го лажевме дека е на службен пат, но набрзо од другарите во училиштето ја дозна вистината, се присетува Наумче, кој вели дека до неодамна на неколку телевизии, при презентирање на најразлични полициски акции, сѐ уште се прикажувале снимки од приведувањето на неговата сопруга.

− Секој пат кога ќе се видеше на телевизија, тоа за неа беше одново преживување на траумата. Иако со правосилна пресуда е прогласена за невина, сепак сѐ уште ја користеа како пример како се апсат криминалци. Тоа ниту една држава не смее да си го дозволи, вели Ристески.

ДРЖАВАТА ОДБИВАЛА ДА Ѝ ГО НАДОМЕСТИ НЕОСНОВАНИОТ ПРИТВОР

Покрај сета нанесена неправда, на Ристевска за малку ќе ѝ било одземено и законското право да добие нематеријална отштета за времето од пет месеци кое невина го поминала во истражниот затвор „Скопје“. Откако пред две години ја добила правосилната пресуда со која се прогласува за невина, до Министерството за правда поднела барање за надомест на штета за неосновано лишување од слобода. Откако никој не се осмелил да ѝ одговори, правдата ја побарала преку Основниот суд Куманово.

–Она што најмногу нѐ запрепасти се одговорите кои во текот на судската постапка ги добивме од Министерството за правда и од Државното правобранителство, дека не ми следува обештетување. Според нив, бидејќи јас за цело време сум знаела дека сум невина, не требало воопшто да се нервирам. Требало смирено да си седам во ќелијата, бидејќи штом сум знаела дека сум во право, немало место за нервоза, вели зачудено Славица.

Еве, што точно, во писменото известување ѝ напишал министерот за правда, Блерим Беџети, со коешто го оспорил нејзиното барање да добие отштета од еден милион денари.

− Самиот износ кој се побарува да му биде исплатен на тужителот на име на нематеријална штета, не претставува справедлив паричен надомест за претрпените душевни болки поради неоснованото задржување во притвор; напротив, така поставен, има за цел да овозможи неосновано збогатување поради притворот, напишал Беџети, додавајќи дека на Славица требало да ѝ биде доволна можноста јавно да побара да ѝ биде објавена пресудата која докажува дека е невина. Така, според министерот, поуспешно би се вратиле нејзините нарушени чест и углед.

И Државната правобранителка, Валентина Јовановска, како и министерот, сметала дека Славица на овој начин сака да се збогати, па затоа му посочила на судот да го одбие нејзиното барање, а згора на сѐ побарала и да ѝ се наложи таа да ѝ ги покрие судските трошоци на државата што биле направени за оваа судска постапка. Правобранителката се дрзнала и да заклучи дека полицајката не заслужува исплата на отштета, бидејќи не била малтретирана и со неа било коректно постапувано!?

− Бидејќи тужителката знаела дека не го сторила делото кое ѝ се става на товар, истата немала од што да се плаши, бидејќи знаела дека нејзината невиност ќе биде докажана, заклучила претставничката на државата, Јовановска.

Сопругот на Славица прашува како е можно невин човек со месеци да заврши зад решетки, со години да го влечкаат по судови, да го остават без скршен денар и на крајот да му велат да не се нервира, бидејќи правдата кога тогаш ќе стигнела?!

− Ни зедоа сѐ, а потоа нѐ советуваат да бидеме спокојни и да не се нервираме. Па, ова го нема никаде, коментира Ристески.

Сепак, пред неколку дена, од Основниот суд Куманово, Ристески добија пресуда дека делумно се усвојува нивното барање, односно на државата ѝ се наложува на Славица да ѝ исплати обесштетување од 7.800 евра.

− Поради неосновано држење во притвор од 120 дена, тужителката претрпела јаки душевни болки кои траеле цело време, од причина што, пред да биде приведена, добила решение за унапредување во службата за совесно и квалитетно извршување на работните задачи, за потоа на брутален начин да биде уапсена со лисици на рацете, со оружје вперено во неа, со малтретирање во опкружување од нејзини колеги, сѐ тоа пред камера, претставувајќи ја како криминалец…, се наведува во пресудата за обесштетувањето.

Според податоците кои ги добивме од Министерството за правда, во 2012 година биле извршени 12 исплати на барања за надомест на штета врз основа на правосилна судска пресуда. Дванаесетмина притвореници, на кои местото, како и на Ристова, не им било зад решетки, добиле вкупно обесштетување од 66.880 евра. Иако побаравме, не добивме податоци колку средства биле исплатени по истата основа и во 2013 година.

ВО ПРОПАДНАТИОТ СЛУЧАЈ СЕ КРСТЕА И ЗВРЛЕВСКИ И ГЕШКОСКА

Ваквите грешки на судството, на крајот, иако премногу скржаво, ги плаќа народот, односно средствата се излеваат од државниот буџет. Судот и обвинителството остануваат нечепнати. Тие само си ја вршеле работата и толку − без оглед што нивните грешки некого го чинат живот.

Интересно е да се спомене дека зад овој неуспешен судски случај стои денешниот врв на обвинителството. Предметот најпрвин бил во рацете на Марко Зврлевски, денешниот републички јавен обвинител. Откако тогаш го унапредиле во скопски јавен обвинител, предметот паднал во рацете на Гордана Гешкоска, која, пак, денес е на чело на скопското јавно обвинителство. Како виш јавен обвинител во предметот се јавувала и Елена Гошева, сегашната претседателка на Уставниот суд.

Крахот на овој судски случај, кој финишираше по петгодишна голгота, воопшто не им попречи во кариерите на оние кои го пишуваа обвинението, кои стоеја зад него и кои бараа затворски казни за обвинетите, за да послужат како пример за другите. Туку, напротив, со залет напредуваа во своите кариери. Додека, пак, дел од обвинетите, поточно Славица, ги загуби работното место, здравјето, образот, мирот и спокојот.

За да се зачини лицемерието и за да се добие целосната слика, мораме да се навратиме и на самиот почеток.

Оваа полициска акција, која немаше кодно име како денешниве, но беше позната во медиумите како „Поткуп“, од МВР се најави помпезно, како доказ за успешната борба против криминалот и корупцијата. Со брзина на светлината се споделуваа видеата од апсењето на осомничените, кои уште тогаш, без шанса за фер судење, беа жигосани како криминалци.

Шансата да се пофали со „успешната“ акција на МВР, тогаш, во 2007 година, не ја испушти ниту премиерот Никола Груевски. Откако најпрвин ја оцени акцијата како многу успешна, најави дека борбата со организираниот криминал и со корупцијата продолжува и понатаму без селекција. Од деталите, пак, што ги слушнал лично од министерката Јанкуловска, за начинот на кој била вршена корупцијата, Премиерот, како што тогаш истакна, разбрал зошто Македонија е на 105-тото место по корупција во светот?!

И кога сите овие обвинувања и жигосувања, но и оправдувањето зошто во Македонија вриело од корупција, паднаа во вода, се поставува прашањето кој сега ќе ја преземе одговорноста?

Кога треба да се најдат виновници, власта тоа го прави експресно, па без да ја почитува пресумпцијата на невиност, прстот за вината го посочува во своите граѓани, но кога треба да го сврти прстот кон себе и да си ја признае грешката, тогаш сѐ се заборава. Но, за да не се заборави, ќе му дадеме уште една шанса на Премиерот да протолкува зошто корупцијата во Македонија е на толку високо ниво?

ПРАВДАТА ЌЕ ЈА БАРААТ ВО СТРАЗБУР

Семејството Ристески последната надеж дека ќе ја истераат правдата докрај, односно Славица да си го врати своето работно место, ја гледаат во Судот за човекови права во Стразбур. Велат дека повеќе немаат што да изгубат, па затоа ќе сторат сѐ за конечно да заврши кошмарот што го живеат речиси една деценија. Единствената желба им е сѐ да се врати по старо. Славица повторно да ја облече униформата и да биде во служба на народот.

No comments

Powered by Blogger.