Ситуацијата околу Северна Кореја врие: Американците испратија бомбардери, се заканија дека ќе нападнат со смртоносна сила

Пишува: Точка

Два стратешки бомбардери од типот „Б-1Б“ на американското воено воздухопловство демонстрираа сила со прелет над Корејскиот полуостров, после неодамнешниот ракетен тест на Пјонгјанг, соопштија од Пентагон.

Летот на стратешките бомбардери бил спроведен минатиот викенд како директен одговор на ракетниот тест на Северна Кореја и претходното лансирање на ракетата „Хвасонг-14“, стои во соопштението на американското воено воздухопловство, пренесува британската новинска агенција „Ројтерс“.

„Северна Кореја останува најголемата закана по регионалната стабилност. Ако не повикаат сојузниците од регионот, подготвени сме да реагираме со брза, смртоносна и огромна сила“, порача командантот на пацифичката воздухопловна флота при американското воено воздухопловство, генерал Теренс О'Шонези.



Севернокорејските власти потврдија дека во петокот лансирале интерконтинентална балистичка ракета, а лидерот на таа земја Ким Јонг Ун лично го надгледувал лансирањето кое што се случило нешто пред полноќ.

Лидерот на Северна Кореја порачал дека последното тестирање докажало дека неговата земја може да ја погоди „целата американска територија“.



„Тестирањето на ракетата овој пат имаше за цел да испрати сериозно предупредување до САД чии што бесмислени замерки продолжуваат, панично воведуваат санкции и водат кампања за притисок врз Северна Кореја“, порача севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун.

Експертите предупредуваат дека последната интерконтинентална балистичка ракета која што беше лансирана пред неколку дена, била помоќна од првата која што беше лансирана на 4-ти јули. Според нивните проценки, севернокорејските ракети би можеле да го погодат дури и источниот брег на САД.

No comments

Powered by Blogger.