Заврши флертувањето со Москва: Трамп нема ниту да се обиде да го спречи воведувањето на новите санкции

Пишува: Точка

Белата куќа соопшти дека претседателот Доналд Трамп е отворен за потпишување на закон за заострување на санкциите против Русија.

Демократите во американскиот Конгрес во саботата известија дека е постигнат договорсо Републиканците за воведување на нови санкции против Русија, Иран и Северна Кореја. Тоа се смета за знак на одлучноста на Конгресот да го задржи остриот став кон Русија, без оглед на тоа каков е ставот на Трамп.

Законот би овозможил донесување на нови санкции против Русија поради анексијата на украински Крим, како и поради руското мешање во минатогодишните претседателски избори во САД. Истиот закон ќе го оневозможи Трамп, се разбира доколку има таква желба, да ги укине санкциите против Москва затоа што нацрт законот во истиот пакет вклучува и санкции против Иран и Северна Кореја.



Законот за санкциите веќе го мина Сенатот, а во вторник за него треба да се гласа во Претставничкиот дом. Иако и натаму има процедура, сепак, јасно е дека новите санкции против Москва, Техеран и Пјонгјанг се неизбежни.

Висок функционер од Белата куќа открил дека ставот на администрацијата на Доналд Трамп се променил после вметнувањето на измените, во кои што, меѓу другото се додадени и санкции против Северна Кореја.

Тој нагласил и дека администрацијата на новиот американски претседател „ја поддржува насоката во која што оди законот за санкциите“, но сепак нема да го изнесе својот став се додека истиот не биде конечно изготвен.



Доналд Трамп се соочи со жесток отпор на демократските, но и на „своите“ републикански претставници кога најави дека Вашингтон би можел да ги затопли односите со Русија.

Сепак, и покрај тоа што во Русија владееше позитивно расположение после неговата победа на американските претседателски избори, јасно е дека Трамп не само што нема да може да ги укине санкциите против Москва, туку тој нема ниту да го спречи новото воведување на санкции.

No comments

Powered by Blogger.