Не! Ова е „родова дискриминација“

Згрозени од новите владини наименувања, паѓаме во замката и зборуваме за потребата од „родова еднаквост“. Не! Ова е „родова дискриминација“.

Пишува: Либертас

Да се избориме прво против ваквиот владин дискриминаторски однос, а потоа ќе работиме на „еднаквоста“.

Односот на премиерот Зоран Заев кон учеството на жените на сите нивоа од владеењето и раководењето веќе е очигледно и очебијно јасен. И немајте надеж дека ќе се промени. Дискриминацијата секогаш – секогаш! – е длабоко вкоренета во предрасудите и сама по себе нема да исчезне. На нас, на другите, е да се бориме против неа, да укажуваме, да бараме без фрустрации и задршки.

Но, се прашувам што за ова чувствува Зоран Заев, татко на прекрасна млада девојка? Што и кажува на неа? И ветува ли и на неа дека со се свое ќе се залага и внесе во изградбата на „живот за сите“ во Македонија? „Живот за сите“, мислејќи и на жените, при тоа? И вели ли со длабоко убедување „дете, ти можеш се; нема граници кои не можеш да ги достигнеш и пречекориш“? Ја гледа ли со онаа љубов како што само татко може да ја гледа и си мисли ли “оваа млада девојка може да биде лидер, може да повлече напред, може да инспирира, може да биде пример и бескрајно да дава и да ги унапредува животите на другите“? Се плаши ли тој Зоран Заев, таткото Заев, дека некој ќе и ја влепи вратата во лице на неговата прекрасна умна ќерка само затоа што е женско? Стравува ли таткото Заев дека годините што неговата ќерка ќе ги мине на своето образование не ќе бидат доволни за нејзино вработување; дека нејзиното знаење и труд на работното место кога ќе го добие не ќе бидат ценети; дека со огромен баласт на нозете предрасудите на општеството ќе ја влечат назад од она што е природен нагон да се оди напред, се понапред, да се унапредува, да се биде подобар и поуспешен со секој изминат ден, за себе, а утре и за сопствените деца? Стравува ли таткото Зоран Заев дека утре некој друг премиер Зоран Заев (или кој и да е друг тип раководител Зоран Заев) лесно ќе го направи превидот прескокнувајќи ја неговата умна ќерка кога ќе го бира својот тим? Не затоа што таа не може. Туку затоа што ТОЈ мисли дека ТАА не може! Стравува ли таткото Заев дека ваквиот однос на општеството и сликата што ја рефлектира владејачката гарнитура, утре ќе се преслика и на другите нивоа и на сите сегменти, па и во нашите домови? И дека и таму, во нејзиниот дом, во нејзиното идно семејство, неговата прекрасна умна ќерка ќе биде помалку ценета и почитувана само поради тоа што е од другиот пол?


Не знам што да му кажам на таткото на Заева кога и самата немам надеж дека оваа гарнитура има моќ, визија и нагон да биде нешто ново, да ни го даде оној толку потребен исчекор и да создаде „живот за сите“. Како да му кажам да не губи верба и да и вели „само оди напред дете, ти можеш се, а границите и бариерите ќе ги пречекориш“? Ќе ја остави ли само да сонува или ќе и помогне на тој пат? Ќе оди ли пред неа како родител да и го расчисти патот за да може таа слободно да тргне кон медицина, астрофизика, инженерство, литература, роботика или што и да е тоа што таа ќе одбере? Затоа што неговата ќерка, како и сите наши ќерки, родени или не, се умни, вредни, способни, чесни…и можат! Можат многу! Можат се!

Нашиот стаклен покрив тешко ќе се скрши за да можеме да се вивнеме до бескрајот каде само небото е граница. Ние допрва треба да се искачуваме за да стигнеме до стаклениот покрив. Потоа ќе зборуваме за негово кршење. Затоа – прво да кажеме “НЕ” за оваа дискриминација.

Елеонора Каранфиловска Ретклиф

No comments

Powered by Blogger.