Македонската полиција го уапси првиот препродавач на билети за Суперкупот

Пишува: Точка

Од Министерството за Внатрешни Работи соопштија дека било уапсено едно лице од Скопје за обид за препродажба на билети за денешниот натпревар на „Телеком Арена“ помеѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед.

Додека Скопје се подготвува за вечерашниот спектакл, многумина се уште се обидуваат да пронајдат билет повеќе, а има и такви кои што сакаат да заработат од препродажба на билети.

Како што соопштија од Министерството за Внатрешни Работи на Македонија, синоќа бил уапсен 41-годишен жител на Скопје кој што на интернет објавил оглас за продажба на билет по цена од 600 евра за вечерашниот натпревар од европскиот Суперкуп.

Тој се обидел да продаде два билети, а со оглед на тоа што на интернет покрај огласот го оставил својот телефонски број, тој бил веднаш лоциран од службите кои што го привеле, а како докази му ги одзеле компјутерот, телефонот и сим-картичките.

Собранието на Република Македонија неодамна ги донесе предложените измени на кривичниот законик според кој се воведуваат санкции за фалсификување и нелегално продавање билети за европскиот Суперкуп.

No comments

Powered by Blogger.