Најарогантниот тенисер на светот: Не ме сакате, но можете само да ги сонувате моите куќи и автомобили

Пишува: Точка

Го најавувале како иден светски број 1, а тој до 24 години не отишол понапред од 17. место на АТП листата. Во последно време на Бернард Томиќ и не му се игра многу тенис, па повеќе не е ни меѓу 60-те најдобри.

Пред шест години дошол до четврт-финалето на Вимблдон, а оваа година на најголемиот турнир во светот испаднал во прво коло. Изгубил од Миша Зверев со 4:6, 3:6, 4:6, а потоа ја шокирал јавноста со изјавите.

"Да бидам потполно искрен, ми беше здодевно на теренот. Не знам зошто, но тенисот повеќе воопшто не ме мотивира. Дали држам трофеј во рака или испаѓам во прво коло на Гренд Слем, потполно ми е сеедно. Ова ми е веќе осми или деветти Вимблдон, не знам. Имам 24 години и тешко наоѓам мотивација", рекол Томиќ, но ја отфрлил можноста наскоро да се пензионира.

Австралиецот со хрватски корени неколку пати бил казнуван за пребрзо возење и други прекршоци, а два пати бил исфрлен и од Дејвис Куп репрезентацијата. На насловните страни се појавувал и неговиот татко, кој физички се пресметувал со тренерите на Бернард.

Томиќ, кој често е на удар на критики, не пропушта можност да ги "боцне" оние што го критикуваат.

"Знам дека по тениската кариера нема да морам ништо да работам", упорно им повторува, нагласувајќи колку заработил од тенисот до 25. година. А заработил повеќе од 5 милиони долари само од награди од турнири.

"Веројатно не ме сакате, но можете само да сонувате за тоа што го остварив јас до 24 години. Одете, сонувајте за автомобилите и куќите кои би сакале да ги купите додека јас моментално ги купувам", гласен дрскиот одговор на Томиќ, кој поради неспортско однесување на Вимблдон бил казнет со 15.000 евра.


No comments

Powered by Blogger.