Војна без никакви правила: Како борбата против ИСИС за Ирачаните стана одмазничка војна

Пишува: Точка

Војната против Исламската држава за многу Ирачани стана лична борба која што има одмазнички карактер, а тоа го докажуваат бројните убиства на осомничените џихадисти, без докази и судење.

Четири официри од различни единици при ирачката армија, во разговор за новинската агенција "AP", отворено признаа дека нивните војници ги убиваат заробените и невооружени луѓе за кои што се сомневаат дека се припадници на Исламската држава.

Бранејќи ја таквата пракса, иако знаат дека е спротивна на меѓународното право, официрите кои што не сакаа да бидат именувани, изјавија дека борбата против Исламската држава треба да биде исклучок од тие правила, пред се поради суровоста на џихадистите за време на нивната окупација.

За еден од нив, официр од мало село во близина на Мосул, борбата против исламските екстремисти била бавно, методочно барање на одмазда за смртта на неговиот татко. Официрот, трагајќи за двајца припадници на Исламската држава за кои што верува дека го убиле неговиот татко, во текот на следните три години, заробил и убил над 40 исламисти.



Ако ги фати убијците на неговиот татко, официрот ветува дека ќе им даде „бавна смрт“ и ќе ги обеси нивните тела во родното село, откако ќе ги натера да му кажат каде е закопан неговиот татко. Таквата жед за одмазда е последица на неверојатното брутално однесување на џихадистите, а одмаздата кон џихадистите ја извршуваат речиси сите припадници на ирачките безбедносни сили после ослободувањето на Мосул.

На видео снимките кои што се појавија во текот на минатата седмица, можеше да се види како ирачките војници ги фрлаат џихадистите од врв на карпа покрај реката Тигар, а потоа пукаат во нивните тела.

Кога екстремистите во 2014-та година го зазедоа Мосул и големи делови на северен и западен Ирак, жртвите на нивните брутални злосторства пред се беа припадници на ирачките безбедносни сили и нивните семејства. Се верува дека само во Мосул биле ликвидирани стотина полицајци и војници.



Џихадистите во близина на Тикрит масакрираа 1,700 заробени војници и ги закопаа во масовна гробница, па сосема е јасно зошто ирачките безбендосни сили се одмаздуваат на ист брутален начин.

Невладината организација Human Rights Watch соопшти дека во јуни најмалку 26 тела со врзани раце и превез на очите биле пронајдени на депонија во близина на Мосул, територија која што е под контрола на ирачката армија. Белкис Вил од Human Rights Watch изјави дека и покрај ветувањата на ирачката армија дека нема да се толерира тоа, сепак, досега никој не одговарал за убиството на невооружен припадник на ИСИС.

Познато е дека војниците имаат наредби да ги предадат заробените џихадисти за да бидат сослушани и испратени на судење. Меѓутоа, реалноста е дека во центрите за проверка во Мосул, војниците редовно ги убиваат осомничените лица кои што признаваат дека биле припадници на Исламската држава.

„Кога ќе се соочите со човекот кој што ги убил вашите пријатели, вашето семејство, да, човекот може да стане и суров. Но, за нас тоа е лично“, изјавил еден од офицерите.

No comments

Powered by Blogger.