Горан Грујовски и Никола Бошковски во бегство? Полицијата ги барала на неколку локации но ги нема, телефоните ги "заборавиле" дома

Пишува: Точка

Поранешниот началник на Петтата управа во УБК, Горан Грујовски и вработениот во УБК, Никола Бошковски, кои полицијата вчера требаше да ги спроведе во притвор ги нема никаде - според сите индиции тие двајца се во бегство.

Тие биле побарани на нивната домашна адреса и на уште неколку локации каде би можеле да бидат, но безуспешно. Засега нема сознанија дали илегално заминале од Македонија, информираат од МВР.

Горан Грујовски и Никола Бошковски се обвинети во предметите на Специјалното јавно обвинителство "Тврдина" и "Таргет".

Полицијата вчеравечер го добила решението од Врховен суд за нивен притвор од 30 дена. Сопругите на обвинетите на полицајците им изјавиле дека не знаат каде се нивните мажи. Мобилните на обвинетите биле "заборавени" дома. Тие вчера не биле регистрирани дека легално поминале на некој од македонските гранични премини.

Дојче Веле пишува дека во целиот овој случај, интересно е однесувањето на судиите од Апелацискиот суд и од Врховниот суд - Судот им даде шанса за бегство.

На можност од бегство уште минатата недела предупредија повеќе правни експерти, откако тричлениот совет на Апелациониот суд Скопје во решенијата напиша дека "мерката за притвор ќе стапи во сила по правосилност на решението", со што нејзиното спроведување го одложи до завршувањето на жалбената постапка пред Врховниот суд.



"Ако второстепен суд утврдил основа за изрекување мерка притвор, тогаш решенијата за притвор се итни, бидејќи додека трае жалбената постапка и натаму постојат сите основи поради кои е одреден притворот - опасност од бегство, влијание врз сведоци или повторување на делото", предупредија правни експерти, посочувајќи дека одредбата во Законот за кривична постапка е јасна: "Жалбата на обвинетите не го одлага спроведувањето на изречената мерка притвор".

Според нив, ваквиот потег на судот е "резултат" од преседанот што го направи Врховниот суд, кога по Барање за заштитата на законитоста поднесено од ЈО во случајот со притворот за Сеад Кочан, "утврди кршење на законот од страна на Кривичниот совет и Апелациониот суд", бидејќи ценеле дека жалбата не го одложува извршувањето на одлуката.

Предметите "Таргет" и "Тврдина" се однесуваат на незаконското следење на комуникациите на илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР и за физичко уништување на дел од опремата со која било сторено кривичното дело.



СЈО сметаше дека притворот за обвинетите во кривичната постапка е неопходен и заради вршење влијание врз сведоците од страна на двајца од обвинетите. Уште во истражната постапка, при извршениот претрес кај Грујовски од страна на обвинителите на СЈО бил пронајден тефтер со евиденција за тоа кој сведок во колку часот влегува во СЈО и од кој обвинител е испрашуван. Потоа истите лица биле повикувани од обвинетите, кои ги распрашувале каков исказ дале во СЈО и им давале натамошни упатства како понатаму да се однесуваат и што да одговараат на одредени прашања. Дел од подотоците биле бришени, но со помош на информатички форензичар дел од нив биле повратени, а меѓу нив била откриена папка со наслов "СЈО" во кои биле сместени упатствата и евиденцијата за сите лица што давале исказ во Специјалното јавно обвинителство, пишува МКД.

No comments

Powered by Blogger.