Прелажале стотина студенти - наместо работа во Германија, останале дома без уплатените пари

Пишува: Точка

Стотина од нив, велат, агенцијата "Венера Кемаловски" треба да им врати околу 250 евра, кои ги дале за аплицирање и документација за наводна работа во бутиците "Зара", но покрај нив парите назад (како што велат, околу 150 евра) ги бараат и други студенти кои требало ова лето да работат во рестораните на "Мекдоналс", "Бургер Кинг" и др.

Револтираните студенти велат дека газдата ветил оти ќе им ги врати парите, но сè уште нема ништо од ветувањето, па денеска самоиницијативно се договориле преку социјалните мрежи да се соберат пред просториите на агенцијата во Скопје.

"Се договоривме денеска околу 12.30 часот да се собереме. Веќе се собравме неколку студенти. Од утрово само јас му вртев точно 27 пати на газдата но не се јавувa" вели еден од студентите.

На вратата на агенцијата, пак, пишува дека вработените се на годишен одмор иако вчера ги контактирале телефонски студентите кои требало да работат во „Зара“, за да дојдат да си ги побараат парите назад.

"Агенција, објавила два конкурси со почеток едниот на 15.06.2017 а другиот 01.07.1017. Ги обврзала студентите со договори со кои се обврзуваат да платаат 550 евра, ветувајќи дека ќе им плати и авионска карта и сместување. Повеќето од нив, уште пред тргнувањето уплатиле дел од сумата, а некои и целосната сума, и притоа за истото не добиле никаква фискална сметка ниту документ за направена уплата. Драмата започнува веднаш после 15.06 кога првата тура студенти не тргнува, со изговор дека работните дозволи доцнат.



Денес, на месец дена од денот кога требаше да започнат со работа, од повеќе од 100 студенти, работна дозвола поседуваат само 8 од нив, а притоа истите веќе месец дена се задоцнети т.е истечени. На плус 40 степени, студентите од повеќе градови се органицираат и секојдневно одат до агенцијата со надеж дека ќе стигнат нови информации, но секој ден слушаат по уште една лага, вработените дигаат раменици, а од директорот Емран Кемаловски нема ни трага ни глас.

Беспомошни, безнадежни, студентите решија да им се обратат на идните апликанти за да избегнат вакви драми и патешествија и сериозно да ги разгледуваат договорите кои ги потпишуваат при апликација за работа во странство, да го направат тоа во консултација со правно лице и истото да го прават во агенции со претходни препораки. Притоа, го повикуваат господинот Емран Кемаловски ,засега недостапен и скриен, конечно јавно да проговори за ситуацијата и да ја преземе во целост одговорноста за изиграните студенти".






Еден од студентите опишал дел од ситуацијата:

"Еден ден (8ми јуни) во фејсбук-групата во која членувавме сите студенти, како и сопственикот и вработените во агенцијата, и која служеше како место на кое ги добивавме сите новости и информации, сопственикот на агенцијата, Емран Кемаловски постираше објава која само по неколку секунди ја избриша. Најверојатно затоа што местото не и беше за групата во која членуваме и студентите, туку пораката беше наменета само за вработените. Имено, во таа порака тој им дава насоки на вработените, како да постапуваат и како да не лажат, затоа што „сезоната била започната и дневно ќе се соочувале со многу револтирани странки”.
Понатаму, тој им вели на вработените: на оние странки кои им се сомнителни, да им наплаќаат со фискален апарат, а сите други да плаќаат на рака. 
Се обидовме да го прашаме сопственикот што значи тоа, но тој секој наш коментар, секое наше прашање и секоја наша објава во групата поврзани со таа објава ги бришеше за неколку секунди. После тоа, на групата беше забрането да се коментира на секоја негова објава, а ние не можевме да објавуваме, туку само да читаме што тој објавува. Во приватни пораки на фејсбук, сопственикот дури и се закануваше дека ако се објавува за таа негова порака, ќе настанат конфликти." ... 

No comments

Powered by Blogger.