За 6 години врвот на МВР изел и испил 1.410.000 евра- трошеле и за морски плодови и за домашна ракија

Миомир Серафиновиќ - ТЕЛМА

Врвот на УБК трошел галантно, ама без вкус за здрава нутриционистичка исхрана-риба испечена во фурна од 5 илјади денари за килограм и таљатели со школки ја мезеле со летна манџа македонска и со сезонска салата. Вечерата полесно ја голтале со вино од 1.300 денари за шише и со ракија од 120 денари. Тоа се гледа на сметката од јули 2011-та која е потпишана од УБК.

Од МВР велат дека надлежни за потпишување на сметките во име на УБК се директорот и шефот на неговиот кабинет. Сите од врвот на МВР знаеле да потрошат од буџетските пари, за 6 години, од 2011-та до 2016-та, првите луѓе на МВР, на јавната и на државната безбедност потрошиле над милион и 410 илјади евра за репрезентација од кои најмногу биле потрошени по ресторани низ Скопје, покажуваат првичните анализи во МВР беше кажано на денешниот брифинг во Министерството.

Преку откриените фактури, најмногу трошела Управата за државна безбедност, за 6 години дале над 550 илјади евра, а трпезаријата на државна сметка се простирала на многу мал простор, најголемиот дел од парите се трошеле во 3 ресторани- два во Капиштец, еден во стрелиште во предградие на Скопје, и во скопска дискотека во центарот на главниот град. Претставниците на УБК се специјализирале за ресторански сметки во вредност од околу 30 илјади денари, или 500-тини евра.

Од анализата на МВР по 2015-та кога од директорската позиција заминува Сашо Мијалков се намалиле трошењата на УБК. Тоа сериозно го намалило и прометот по скопските ресторани, во 2011-та и 2014-та УБК примило фактури главно од ресторани во вредност од над 8 милиони денари или над 130 илјади евра годишно додека лани двајца директори потрошиле вкупно 2 милиони денари или околу 35 илјади евра за репрезентација.

Овие трошоци, објаснуваат од МВР не може да се сведат како оперативни трошоци бидејќи УБК си има правилник кој регулира како се трошат пари за разузнавачки активности на тајните агенти.

Сите овие информации беа презентирани на брифингот на МВР, но немаше одговор дали е направено кривично дело и дали покрај тоа што кршеле школки на скапите вечери- поранешните министри и директори ги прекршиле и финансиските правилници за репрезентација.

Сите овие информации беа презентирани на брифингот на МВР, но немаше одговор дали е направено кривично дело и дали покрај тоа што кршеле школки на скапите вечери- поранешните министри и директори ги прекршиле и финансиските правилници за репрезентација.

УБК во конкретниот период беше водена од Сашо Мијалков (2011-мај 2015 г.), Љупчо Андоновски (мај 2015 г. –септември 2016 г.) и Владимир Атанасовски (септември 2016 г-јуни 2017 г.).

No comments

Powered by Blogger.