Кремљ го возвраќа ударот: Русија протерува 30 дипломати и запленува американски имот?

Пишува: Точка

Овие мерки најверојатно ќе бидат превземени од страна на Москва после одлуката на САД да не го врати имотот на руската амбасада во Вашингтон кој што беше запленет во декември 2016-та година.

Москва планира да протера околу 30 американски дипломати и да заплени неколку објекти кои што се во сопственост на Соединетите Американски Држави на територијата на Русија, пренесува весникот „Известија“.

Овој медиум за кој што е познато дека е близок до руските власти се повикува на неименуван извор од руското Министерство за надворешни работи.

Како што тврди „Известија“, овие мерки на руската влада доаѓаат после одлуката на официјален Вашингтон да не ѝ го врати имотот на руската амбасада во Вашингтон кој што беше запленет во декември 2016-та година на самиот крај од мандатот на поранешниот претседател Барак Обама.



Ова прашање остана нерешено и после состанокот на американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин на маргините на Г20 самитот во Хамбург пред неколку дена.

„Известија“ пренесува дека после разговорите на двајцата лидери на маргините на самитот во Хамбург, каде што меѓу другото било потврдено дека се разговара и на таа тема, на рускиот претседател Владимир Путин му станало јасно дека САД немаат план за решавање на спорната ситуација.

Поради тоа, како што тврди весникот, Русија сега е подготвена да одговори реципрочно, односно наскоро да протера 30 функционери од американската дипломатска мисија во земјата и да воведе реципрочни санкции кон американскиот имот на територијата на Русија.

Од Москва наводно порачале дека не сакаат да воведат вакви мерки, но истовремено руските власти нагласиле дека не можат да останат без одговор после ваквиот непријателски акт на Вашингтон.



„Постои прелиминарен договор за одржување на состанок во Санкт Петербург со заменик државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Томас Шенон. Доколку ниту тогаш не дојде до компромис, ќе мораме да се одлучиме на вакви мерки“, изјавил за „Известија“ претставник на Министерството за надворешни работи на Русија.

Администрацијата на поранешниот претседател на САД, Барак Обама, кон крајот на декември 2016-та година, воведе санкции против девет руски институции, компании и физички лица, вклучувајќи ги и агенциите „ГРУ“ и „ФСБ“, поради наводното „мешање во претседателските избори во САД и притисок врз американските дипломати кои што работат во Русија“.

Американските власти забранија пристап до стамбените комплекси, таканаречените „селски викендици“, потоа постојаното претставништво на Русија во Њујорк и амбасадата во Вашингтон кои што се дипломатски имот. Исто така, американските власти протераа и 35 руски дипломати.

No comments

Powered by Blogger.