Девојче (14) шест дена лутало низ Сибирската тајга: Од сигурна смрт ја спасило токму тоа поради кое и се изгубила

Пишува: Точка

Стотици спасувачи и доброволци од копно и од воздух ја надгледувале густата Сибирска шума во потрага по 14-годишното девојче кое се изгубило додека берело шумско овошје. Иако веќе секоја надеж згаснувала, девојчето конечно било пронајдено шестиот ден по големата потрага.

Јана Томачева е пронајдена жива во неделата, во дивиот руски Краснојашки регион, откако лутала низ шумата сама цели шест дена. Операцијата на спасување траела речиси недела дена, со повеќе од 230 полицајци, припадници на Националната гарда, војската и доброволци кои ја пребарувале недостапната шумска територија.
Стотици квадратни километри од густа тајга, како и земјиштето покрај реката било пребарано со помош на 17 теренски возила. Во потрагата биле вклучени и хеликоптери и беспилотни летала.

Како што известуваат локалните медиуми, повикувајќи се на потпаролот на Министерството за вонредни ситуации, малата Јана била пронајдена крајно исцрпена, па веднаш била префрлена во болницата во Краснојарск.

Јана исчезнала во понеделникот, откако заминала со својата мајка и постарите сестри да берат шумски плодови. Најверојатно секоја тргнала во различен правец, а кога најмладата од семејството Томачеви не се појавила до вечерта, семејството кренало паника.



"Се изгуби во близина на селото Чиндат. Тоа е прилично оддалечено подрачје, шумата е многу густа", изјавил подоцна еден од спасувачите. "Доволно е густа што можете да одите 10 километри и да не видите ништо", пренесуваат локалните медиуми повикувајќи се на полицијата.



Десетици локални жители и спасувачи пристигнале во областа додека траела потрагата. "Што повеќе луѓе се вклучени, толку се поголеми шансите да се најде изчезнатиот", изјавила шефицата на групата "Потрага по исчезнати деца" која ја организирала волонтерската единица. "Тревата е висока и речиси е невозможно да се види детето од горе. Дури и доколку таа се наоѓа на два метри до нас, не би ја забележале", објаснила.



За да ситуацијата биде уште полоша, првите два дена од потрагата паѓал силен дожд, па започнале да се губат и трагите од девојчето во калта.

"Малата Јана не го познава многу добро шумскиот терен, само неколку патишта кои ѝ ги имала покажано мајка ѝ", изјавил градоначалникот на Чиндат, Николај Алин, со кој локалните медиуми направиле интервју за време на потрагата. "Покрај тоа, оваа година на тоа подрачје имаше многу малку шумски плодови и печурки, а земјата е премногу влажна за пожари", додал.



Меѓутоа, на крај се испоставило дека токму бобинките биле тие кои го одржале девојчето во живот речиси недела дена. Таа исто така успеала да се избори и со комарците и мушичките, како и да избегне многу мечки и останати шумски ѕверови кои живеат во оваа област.

No comments

Powered by Blogger.