Подобро да молчеа: Што зборуваа конкурентите за iPhone пред десетина години...

Пишува: Точка

Шефовите на Нокиа, Мајкрософт, Моторла, РИМ и други компании воопшто не веруваа дека Apple ќе постигне некаков голем успех со својот паметен телефон - iPhone.

Пред десетина години започна продажбата на iPhone на Apple, паметен телефон кој што целосно го промени пазарот на мобилните телефони. Apple досега продаде повеќе од милијарда вакви уреди, остварувајќи рекордна заработка, а Apple на крилјата на iPhone стана највредната компанија на светот.

Иако најголемиот број од медиумите во тоа време имаа само пофални зборови за iPhone, дел од луѓето, посебно конкуренцијата, порачаа дека Apple со својот паметен телефон не може да им биде конкурент и дека веднаш ќе пропадне тој обид. Сепак, се чини дека погрешија, и тоа погрешија многу.

„Нема шанси iPhone да заземе значаен дел од пазарот. Нема шанси“, изјави во 2007-ма година извршниот директор на Мајкрософт, Стив Балмер. Покрај Балмер, ниту Ричард Спраг, еден од директорите на Мајкрософт, не беше воодушевен од iPhone и порача дека никој, освен најверните фанови на Apple, нема да го купи.



Уделот на оперативниот систем на Мајкрософт за паметни телефони денес падна под 1%, додека уделот на iPhone на пазарот изнесува 15%, но тоа што е најважно е што Apple заработува далеку најмногу.

Џим Болсили од РИМ, компанија која што тогаш беше една од најдоминантните на пазарот за мобилни телефони, порача дека iPhone на Apple е само уште еден конкурент на презаситениот пазар на кој што корисниците веќе имаат преголем избор. Тој сметаше дека iPhone воопшто нема да го загрози BlackBerry, но, направи огромна грешка во проценката.

Анси Ванјоки од Нокиа го спореди новиот паметен телефон на Apple со „Мековите“ на американската компанија за кои што изјави дека на почетокот привлекле големо внимание, но нивното влијание на глобалниот пазар не било така големо, па истакна дека истото ќе се случи и со iPhone и влегувањето на Apple на пазарот за мобилни телефони.



Ниту тогашниот директор на Нокиа - Оли Пека Каласуво не сметаше дека iPhone претставува закана за Нокиа и порача дека Нокиа не треба да го промени начинот на размислување и работење поради Apple. Сепак, iPhone со своето појавување практично го редефинираше пазарот и буквално ја нокаутираше Нокиа која што тогаш беше број еден гигант на тој пазар.

Со својата изјава во врска со iPhone на Apple не се прослави ниту извршниот директор на Моторола, Ед Зандер кој на прашањето како неговата компанија планира да се носи со Apple и нивниот iPhone одговори со прашање: „Како Apple ќе се носи со нас?“.

Да потсетиме, Apple го лансираше iPhone во периодот кога на пазарот со паметни телефони доминираа компаниите како Нокиа и РИМ кои што во меѓувреме не можеа/сакаа да се прилагодат на големите промени кои што започнаа со iPhone и за кратко време загубија голем удел од пазарот и никогаш повеќе не се опоравија и не се вратија на старите славни патеки.

No comments

Powered by Blogger.