Кинезите испратиле авиони кон американски воен брод: Инцидент на раб на ескалација во Јужното кинеско море

Пишува: Точка

Американски воен брод поминал во близина на островот Трајтон кој што е под контрола на Кина во Јужното кинеско море, во операцијата со која што Американците сакале да покажат дека имаат секакво право да пловат во меѓународни води.

Бродот "USS Stethem" се приближил на околу 12 наутички милји од островот Трајтон во рамките на архипелаг окупиран од Кина, но истовремено архипелаг кој го сметаат дека е дел од нивната територија и Тајван и Виетнам, открил американски функционер за „Франс прес“.

Од кинеското министерство за надворешни работи изразија протест поради американскиот брод кој што пловел во близина на „нивните“ острови во Јужното кинеско море. Според зборовите на портпаролот на министерството, Лу Канг, американскиот воен брод пловел во кинески територијални води.

Како одговор на ова, од Пекинг било наредено да бидат испратени две воени пловила и ловци кои што требало да испратат предупредување до американскиот брод да се оддалечи од островите.



„Ваквото однесување го нарушува кинескиот закон и релевантното меѓународно право, го наруши кинескиот суверенитет, го наруши мирот, безбедноста и ги загрози објектите и кинеските државјани на островите“, соопшти Лу Канг.

Станува збор за втора ваква акција во Јужното кинеско море откако Доналд Трамп стана нов претседател на САД во јануари. Првиот пат, сличен инцидент се случи на 25-ти мај во архипелагот Спратли кој што се наоѓа нешто појужно.

Операциите со кои што се демонстрира слободата на пловидбата се наменети да го оспорат суверенитетот на Кина и на било која друга земја над водите околу тие острови, во исчекувањето на дипломатското решение во врска со овој проблем.



Кинезите полагаат право на поголемиот дел од Јужното кинеско море, вклучувајќи ги и зоните кои што се многу блиску до бројни јужноазиски земји. Пекинг неодамна ги зазеде спорните острови, вештачки ги зголеми за да може да ги инсталира своите воени објекти, а исто така беа изградени и голем број на вештачки острови.

Според американскиот Центар за специјализирани студии "AMTI", Кинезите неодамна ги прошириле своите инсталации на островот Трајтон со изградба на нов хелидром за воени хеликоптери. Островот Трајтон е познат по тоа што на неговото тло се наоѓа големо исцртано кинеско знаме кое што може да се види на сателитските снимки.

No comments

Powered by Blogger.