„Кога Катарците би ги исполниле сите барања, би се претвориле во провинција на Саудиска Арабија“

Пишува: Точка

Познатиот геополитички аналитичар Џејмс Дорси, во разговор за руската новинска агенција „Спутник“ проговори за големата Катарска криза и барањата кои што арапските земји ги доставија до Доха.

Според Џејмс Дорси, барањата кои што Саудиска Арабија, Египет, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и уште неколку земји ги доставија до Катар, не само што нема да ја решат актуелната Заливска криза, туку и ќе ја влошат.

„Овие барања се очигледен обид за наметнување на волјата на Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати на Катар“, истакна Дорси и додаде дека доколку Катар ги исполни сите доставени барања, тоа на некој начин ќе значи „предавање на својата независност“.



„Кога Катар би ги остварил сите овие барања ќе стане провинција на Саудиска Арабија“, истакна тој.

Да потсетиме, Саудиска Арабија со своите арапски сојузници бара доста работи да бидат исполнети од Доха, а некои од главните барања се: Гасење на телевизијата Ал Џазеира, затворање на турската воена база и прекин на односите со Иран.

Во меѓувреме, се огласи министерот за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, Анвар Гаргаш, кој што порача дека сите барања целосно мора да бидат исполнети од Доха и нагласи дека ова не е обид на арапските земји да ја променат власта во Катар, туку да го променат однесувањето на катарските власти.



„Доколку Катар не ги исполни тие барања, алтернативата не е ескалација, туку целосна изолација. Катар нема да биде дел од групата на арапски земји затоа што моментално тоа е невозможно“, изјави Гаргаш.

Сепак, се чини дека засега нема никакви најави од Доха дека ќе бидат исполнети барањата кои што неодамна беа доставени.

No comments

Powered by Blogger.