Новиот Клинички центар ќе се гради надвор од Скопје, кај обиколницата

ПИШУВА: НОВА ТВ
Претходната власт правела перење на мозок на граѓаните бидејќи на местото каде што неколку години стои само дупка планирале да градат само интерни клиники, а не нов Клинички центар за кој се задолживме 90 милиони евра, вели за НОВА министерот Таравари

Новиот клинички центар нема да се гради на просторот кој беше планиран на местото на старата зграда на Клиниката за гинекологија, туку на сосема друга локација надвор од градот и од сообраќајните гужви, потврди за НОВА министерот за здравство Арбен Таравари. Тој потенцира дека засега нема конкретно решение каде ќе биде изграден Клиничкиот центар, но идејата е тоа да биде некаде околу обиколницата. На местото каде што претходната власт сакаше да гради Клинички центар, за што земаа кредит од 90 милиони евра ќе биде изграден Дијагностички центар со лаборатории .

Министерот Таравари за НОВА вели дека претходната власт правела перење на мозок на граѓаните бидејќи на местото каде што неколку години стои само дупка планирале да градат само интерни клиники, а не нов Клинички центар. Сите други како што се хируршките клиники, детска клиника, психијатрија, кардиологија, гинекологија според планот требаше да останат во истите објекти каде што се и сега.

„Дојдоа и од Банката на советот за Европа и со нив разговараме за изградбата на новиот Клинички центар. Да се дадат 90 милиони евра и по неколку години пак да се јави потреба од нов клинички е неосновано бидејќи оваа зграда не е планирана за Клинички центар туку само з а интерни клиники, а сите останати клиники си остануваат во постоечките објекти. Нашиот став како Влада е да вложивме уште финансиски средства и да добиеме комплетен Клинички центар со што за 40-50 години ќе го решиме овој проблем“, изјави за НОВА министерот Таравари.


Новиот Клинички центар е планирано да се изгради надвор од Скопје, за возилата на итната медицинска помош од другите градови да имаат подобар пристап и да има паркинг. Во оваа зграда се планира да се сместат сите клиники. Но, за сето ова државата треба да се задолжи со уште еден кредит, рече Таравари. Сега се разгледува опцијата кој е најбезбедниот начин да се преиначи договорот , а за тоа да не се плаќаат големи казни.

„Новиот Клинички центар треба да биде во периферија, каде што ќе има добар пристап, паркинг и ќе бидат сите клиники на исто место. Имаме неколку предлози, а од претставници од Банката на Советот на Европа бевме известени дека треба да плаќаме казни ако го прекинеме договорот. Затоа зборувавме за тоа да се редуцира таа сума, да се направи помала зграда како Дијагностички центар со лаборатории и да се земе нов кредит за да се изгради Клинички центар на друга локација, чија изградба ќе трае неколку години. Изградбата на интерните клиники која ја планираше претходното раководство беше само перење на мозок на граѓаните. Ќе се потрудиме на ова место да се изгради објект и тоа да биде помала сума за да не плаќаме пенали и да има што помалку штети за државата“, изјави Таравари.


Во Министерството за здравство тврдат дека ја ревидирале целокупната документација за тендерот и изградбата на Клиничкиот центар со внатрешни и еден надворешен експерт при што биле најдени низа нерегуларности, но и работи кои се во согласност соо процедурите.

Изградбата на новиот Клинички центар претходната власт ја најавуваше неколку години. На 2 јануари 2014 Груевски и Тодоров и официјално сечеа ленти со што го означија почетокот на изградбата. Но цели три години на местото стои само дупка, а сумата од 70 порасна на 90 милиони евра.

No comments

Powered by Blogger.