Владата ги објави нивните биографии: Кои се новите в.д. директори на Агенцијата за храна и ветеринарство и на УЈП?

Пишува: Точка

Владата ги објави биографиите на новиот в.д. директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов, и на новата в.д. директорка на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска.

Зоран Атанасов, доктор по ветеринарна медицина, е новоименуваниот в.д. директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Роден e на 01.09.1966 година и со своето 24-годишно работно искуство е истакнат и докажан професионалец во ветеринарството. Својата успешна кариера почна да ја гради во Армијата на Република Македонија и во Министерството за одбрана, каде што работи од 1994 до 2005. Потоа е ангажиран во Управата за ветеринарство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а од 2011 работи во Агенцијата за храна и ветеринарство.

Атанасов е еден од креаторите и изработувачите на Националниот концепт за логистичка поддршка на АРМ, на Доктрината за логистичка поддршка на АРМ и на Националниот концепт за поддршка од земја домаќин (НАТО партнерска цел). Работел и како советник во кабинетот на дополнителниот заменик-министер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во Министерството за одбрана работел во секторот за логистика каде што има изработено упатства и прирачници за потребите на ветеринарното обезбедување при Армијата на Република Македонија и Министерството за одбрана.

Зоран Атанасов посетува бројни обуки и курсеви од областа на безбедноста и одбраната, меѓу кои позначајни се: Лидери на 21 век на Центарот Џорџ Маршал („Lеаders for 21-st century“ – George C Marshal Center, Garmish Partenchirchen, Germany), Управување со ресурси, планирање и имплементација на финансиски и материјални ресурси на Кралска школа за бизнис („Resource management Planning and implementation of finance and material resources“ – Queen’s school of business, Ottawa, Canada.)

Од областа на безбедност на храната има завршено повеќе обуки и работилници меѓу кои: Безбедност на храната, Министерство за земјоделство на САД, во рамките на програмата Кокран на Универзитетот на Северна Дакота (Food Safety / HACCP UNITED STATES DEPARTMENT OF AGRICULTURE Cochran Fellowship Program North Dakota University Fargo, U.S.A); Официјална контрола на храната од животинско потекло, микробиолошки критериуми и примероци – Агри-консалтинг Европа С.А. (Official control of animal origin food, microbiological criteria and sampling – Agri-consulting Europe S.A); Следење на траги и официјална контрола на храната од животинско потекло на граничните контроли – (Traces and Official control of animal origin food on Border control point – BTSF, Trade Control and Expert System, TAIEX); Миграциите на кучињата и мачките (Movement of dogs and cats, BTSF); Употребата на трагите во извозот на живата стока и производите од животинско потекло, (Traces use at Import of live animals and products of animal origin, BTSF; Обука за ветеринарство и безбедност на храна на граничните пристаништа и во граничните инспекции, (Training on Veterinary and Food Safety control checks at seaport border inspection posts, BTSF).

До моментот на именувањето за в.д. директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, Атанасов работел како официјален ветеринар за здравствена заштита и благосостојба на животните.

Сања Лукаревска е новоименуваната в.д. директорка на Управата за јавни приходи.

Нејзиното 11-годишно работно искуство во Управата за јавни приходи е цврста гаранција за понатамошното професионално раководење и управување со оваа институција.

Родена на 12.07.1982 година во Скопје, дипломиран правник, својата професионална кариера во УЈП Лукаревска ја започнува како надворешен контролор-инспектор во Дирекцијата за големи даночни обврзници, а потоа работи во областа на фискализацијата во УЈП – Регионална канцеларија во Скопје и како асистент за правни и нормативни работи во Генералната дирекција на УЈП, во секторот за правни работи.

Активно е вклучена во сите процеси за унапредување и имплементирање на прекршочната постапка и Комисиите за прекршоци.

Во рамки на техничката Влада за подготовка и спроведување на изборите, била ангажирана како службеник во кабинетот на дополнителниот заменик-министер за финансии.

Има посетувано голем број работилници, семинари и конференции за прекршочна постапка, каде што неколкупати била именувана за предавач од нејзината матична институција, Управата за јавни приходи.

Лукаревска била учесник и на Регионалната академија за демократија (RAD) заедно со други претставници од Југоисточна Европа каде што се стекнува со дополнителни политички и стручни знаења.

До моментот на именување, Лукаревска работи во Дирекцијата за големи даночни обврзници во делот за присилна наплата и проблематика со одложено плаќање на даночен долг.

No comments

Powered by Blogger.