Победа после три години пекол: Бенгази конечно ослободен од џихадистите

Пишува: Точка

Лидерот на Либијската национална армија, Калифа Хафтар, прогласи победа над своите „ривали“ во Бенгази, после повеќегодишната граѓанска војна која што ја зафати државата.

Бенгази, втор по големина град во Либија, три години беше освојуван од разни фракции кои што се бореа за воспоставување на контрола, односно наметнување на своето влијание во оваа северноафриканска земја во која што слободно може да се каже дека владее апсолутен хаос.

Хафтар се појави на националната либиска телевизија во бела униформа и прогласи голема победа на неговите борци против терористите.

„Вашите вооружени сили објавуваат дека Бенгази е ослободен од терористите. Ние целосно го ослободивме градот и остваривме победа на достоинството над тероризмот“, порача генералот Хафтар.

Битката за овој стратешки важен либиски град траеше цели три години, првенствено помеѓу двете фракции - Либијската национална армија и таканаречениот Совет на револуционери на Бенгази, исламистичка група која што е во доста блиски односи со најозлогласената терористичка организација на светот - Исламската држава.

Секако, во борбите учество зедоа доста други воени фракции на едната и на другата страна, а според официјалните податоци во борбите загинале над 700 лица, иако информациите од терен говорат дека војната однела далеку повеќе животи.

No comments

Powered by Blogger.