И покрај забраната организаторите ветуваат одржување на Парада на гордоста во Истанбул



Организаторите на Парадата на гордоста во Истанбул ветија дека ќе ја одржат парадата на плоштадот Таксим иако градските власти ја забранија поради безбедносни причини.

Гувернерот на Истанбул претходно ја забрани Парадата на гордоста, што беше предвидена за денеска, поради безбедносни ризици по заканите од ултранационалистичките групи.

– Нема да биде издадено одобрение за демонстрации или марш на наведениот датум поради безбедност на туристите во тоа подрачје и поради јавниот ред, соопшти канцеларијата на гувернерот на Истанбул.

Исто така се посочува дека немало официјална пријава за собир и оти за настанот биле информирани преку социјалните мрежи.

Лара Озлен од организацискиот одбор на Парадата на гордоста тврди дека соопштението од канцеларијата на гувернерот е „лага“.

– Беа запознаени со нашиот план многу порано, бидејќи ја претставивме петицијата пред повеќе недели, посочи Озлен.

Градските власти апелираа и до граѓаните да ги игнорираат повиците за учество во Парадата и да се придржуваат до предупредувањата од полицијата.

Вторпат во Истанбул се блокирта Парадата на гордоста.

Ултранационалистичката група „Алперен херц“ минатата недела се закани дека ќе ја спречи Парадата на гордоста доколку властите не реагираат.

No comments

Powered by Blogger.